Тече истрагата за автобуската несреќа во Бугарија, ќе се одземе лиценцата на превозникот

Во тек е истрагата за несреќата во која загинаа 45 патници, а седум лица се повредени откако македонски автобус се запали на магистралниот пат „Струма“ на потегот Софија – Благоевград. Според првичните информации од истражните органи во Бугарија, во автобусот вкупно имало 52 лица, од кои 45 загинаа, а седуммина се хоспитализирани на Клиниката во Софија. Од загинатите, 12 се деца.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа на прес-конференција истакна дека истрагата за автобуската несреќа ја водат бугарските истражни органи, како и дека е испратен наш тим од МВР да помогне во истрагата.

-Ние испративме тим кој е предводен од помошник директорот на Бирото за јавна безбедност на одделот за униформирана полиција, началникот на одделот за Крим техника и претставници од сообраќајната полиција. Исто така, напоменавме дека претставници од Јавното обвинителство и Судска медицина се таму се со цел да можат да асистираат за која било потреба за истрагата. Во рамки на МВР е формиран посебен штаб што работи целодневно исто како што работи штабот во МНР и секако дека во нашиот штаб е вклучено и политичкото аташе на Република Бугарија во Република Северна Македонија, рече Спасовски.

Многу е важно, додаде тој, во овие моменти брзо да се разменуваат податоци и информации кои се во интерес на истрагата и тие податоци да бидат споделени со бугарското јавно обвинителство и со истражните органи. -Секако дека многу важно ќе биде за брзината на идентификацијата на починатите во Судската медицина асистенцијата што ќе ја дадат нашите институции, истакна Спасовски.

Во однос на можните причини за несреќата министерот за внатрешни работи потенцираше дека треба да се почека истражните органи кои ја вршат истрагата и кои извршија увид на лице место на настанот да дадат свој извештај.

Спасовски очекува брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и верува дека во соработка со бугарските институции многу бргу ќе имаме одговор околу сите нејаснотии за автобуската несреќа и согласно тоа ќе има ефикасност во утврдувањето на одговорноста.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски соопшти дека е почната постапка за одземање на лиценцата за работа на „Беса транс“ бидејќи од добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за автобусот, а Владата го задолжила Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор.

Опожареното возило не било пријавено од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски.

-Не можеме да знаеме во овој момент додека трае истрагата дали и  колку пати ова возило ја напуштило државата и вршело ваков тип на превоз и транспорт, рече Бочварски на новинарско прашање за контролите на автобусот.

Јавниот обвинител на Република Северна  Македонија Љубомир Јовески во изјава за медиумите вчера пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде се сместени седуммина од преживеаните патници, изјави дека до тој момент не може да се каже која е причината за незгодата. Според него, можни се два фактори, човечкиот фактор или, пак, техничката неисправност на возилото. 

– За причините во овој момент не може да се каже. Сите прашања се отворени. Впрочем затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за незгодата, истакна Јовески и додаде дека станува збор  за пообемни вештачења.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Тој посочи дека обдукцијата на телата ќе се врши во Бугарија, додека биолошките траги на роднините на починатите ќе се земаат во Институтот за судска медицина во Скопје и веднаш ќе се достават во Бугарија.

– Телата во моментов се извлекуваат од автобусот, ќе треба да се земат биолошки траги од роднините и очекуваме тој процес многу брзо да заврши, изјави Јовески.

Тој посочи дека не станува збор за паралелна истрага. – Со Обвинителството на Бугарија имаме развиено добри колегијални односи. Станува збор да се убрза оваа постапка, да видиме кои документи им се потребни од нашата држава за да може што поскоро да се утврдат сите факти за оваа трагедија. 

На прашање дали се сретнале со сопственикот на агенцијата, Јовески рече дека се сретнале, но дека не разговарале– Ние се сретнавме само таму, но немаше причина да разговараме. Ниту можеме да разговараме, тој во постапката ќе треба да даде соодветна изјава, додаде Јовески.

Во Софија со Јовески беше и шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која посочи дека увидот се уште трае и оти не може да кажа подетални информации. 

Државниот јавен обвинител Јовески рече дека е уверен оти бугарските лекари и медицинските лица преземаат се што е неопходно за повредените патници и притоа изрази сочувство до семејствата на настраданите за оваа голема трагедија во која загинаа и 12 деца.  

Директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов, изјави дека заедно со македонските колеги го прецизирале начинот на кој ќе се работи истрагата за несреќата. Според Сарафов, за неколку дена се очекува да бидат готови резултатите од ДНК анализата, за со сигурност да се идентификуваат жртвите од несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија.

На местото на несреќата, Сарафов и портпаролката на јавниот обвинител Шијка Милева разговарале со Јавниот обвинител Јовески и со шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција Русковска.

– Бугарија очекува Република Северна Македонија да испрати биолошки материјал од роднините на загинатите во опожарениот автобус на автопатот Струма за да се завршат работите на ДНК тестовите, изјави Сарафов.

Тој посочи дека во тек се распити на жртвите и очевидците, но дека сè уште не е јасно што ја предизвикало експлозијата. Останатите три автобуси, појасни Сарафов, се движеле 15-20 минути пред тој што се запали, како и дека во него имало и втор возач, но не е јасно дали е меѓу преживеаните. Возилото било релативно ново, околу три години и претстои сложено форензичко и техничко вештачење.

Автобусот со македонска регистрација влегол во Бугарија од Турција преку граничниот премин „Капитан Андреево“ нешто по 21 часот, а несреќата се случила околу 2 часот по македонско време на магистралниот пат „Струма“ на потегот Софија – Благоевград. Поради несреќата Владата вчера  прогласи тридневна жалост на територијата на целата држава и откажани се сите јавни настапи. Ден на жалост денеска е прогласен и во Бугарија и во Косово.