Запрашан дали и ЕУ и одредени земји-членки на Унијата сносат одговорност за закочената европска интеграција на земјата и оставката на Заев, Шмид во тој контекст издвојува две.
-Секоја земја има свои легитимни внатрешнополитички проблеми. Но се надевам дека француската политика, по претседателските избори следната година, ќе се врати на ветувањата кои им ги дадовме на земјите од Западниот Балкан. Но, притоа немам никакво разбирање кога една земја како Бугарија, од националистички мотиви веќе две години го блокира почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Со тоа си дадоа автогол. Тоа е фатален сигнал за кредибилитетот на ЕУ во регионот. Зоран Заев го стави своето политичко делување во служба на приближувањето кон ЕУ. Тоа не беше соодветно наградено од сите. Затоа тие не можат да се ослободат од одговорност. Притоа, во иднина ќе биде многу потешко да се постигне решение со преговори, вели Шмид.
Оставката на премиерот Заев, оценува Шмид, во интервјуто за партиското гласило на германските социјалдемократи, е лоша вест и за реформските напори во земјава, но и за иднината на целиот европски проект.
На федералните избори што се одржаа на 26 септември во Германија, со тесно водство победија Социјалдемократите (СПД), сестринска партија на СДСМ. Во тек се преговорите за формирање коалиција помеѓу СПД, Зелените и слободните демократи (ФДП). Доколку преговорите бидат успешни, новиот германски канцелар ќе стане кандидатот на социјалдемократите Олаф Шолц. Очекувањата се дека пред Божиќ ќе се формира нова влада.