Коѕијас умерен оптимист за решение, бара пакет договор и промена на Уставот

 Потребна е промена на Уставот, за името да биде и за внатрешна и за меѓународна употреба, но и за да се избегнат идни обвинувања дека биле прекршени уставните одредби, вели министерот за надворешни работи на Грција во интервју за грчкиот весник „Документо“. Никос Коѕијас, изјавува дека е умерен оптимист и дека на двете страни сѐ уште им претстои многу работа.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија, објаснува зошто Грција инсистира Македонија да направи уставна промена.

– Промената на Уставот на пријателот и сосед, значи, прво имплементација на ерга омнес, односно употреба на новото име во сите случаи, на меѓународно и внатрешно ниво, како и за избегнување на идни несогласувања што би произлегле без оваа промена. Второ, дека во иднина би се избегнало една друга влада кај соседот да побара објаснувања за прекршување на Уставот, ако Меѓународниот договор излегува од надлежностите, вели шефот на грчката дипломатија, а за несогласувањата за кои говори, објаснува дека во период на глобализација кога се користат две различни имиња едно за меѓународна, друго за внатрешна употреба тогаш несогласувањата се неизбежни.

Според Коѕијас, решението не треба да биде „едниот да му го наметне неговото мислење на другиот“, туку во пакет договор што ќе ги содржи неопходните заемни компромиси.

Договорот, смета тој, треба да биде пакет договор, да ги вклучува прашањата за кои разговараме во ОН, елиминирање на иредентизмот и предвидување мерки и услови за да нема одново појавување, поддршка за интеграција на соседната земја во меѓународните организации и заеднички активности и додава дека потребен е временски период за да се имплементираат овие работи, бидејќи, како што вели, „светот не се менува во еден ден, дури и на Господ, според Библијата, му беа потребни 6 дена да го создаде“.

– Секако, ова не е имплементација на некој апстрактен метод на поделба на решението на делови, туку елемент на прагматизам, реализам, одлучност и чувство на одговорност, вели Коѕијас во однос на спроведувањето на евентуалното решение.

На прашањето дали еден Меѓународен договор би бил доволен за да се избегнат уставни промени кај нас, Коѕијас се повикува на досегашното искуство со одлуките на националните судови на земјите членки на Европската унија.

– Врз основа на член 27 од Виенската конвенција за договори, содржината преовладува над националното законодавство. Но, овој принцип се почесто не се спроведува. Ги знаеме одлуките на националните уставни судови на земјите – членки на ЕУ во врска со подреденоста или не на националното законодавство кон европското, за прашања поврзани со тврдото јадро на Уставот, а името е едно од тие. Според нив, Уставот го надминува секој Меѓународен договор, објаснува Коѕијас, пренесе МИА.

Шефот на грчката дипломатија, во интервјуто за весникот „Документо“, вели дека прозорецот за можност за решение се отворил и поради политичките принципи на грчката влада, поради мерките за градење доверба, но и поради промената на власта во Македонија. Сепак, на прашањето колку блиску или далеку сме до договор изјавува дека е умерено оптимист.

– Сѐ уште имаме многу работа. Но, можностите да се најде решение се поголеми отколку во претходните години. Сакам да бидам умерено оптимист. Ги знам потешкотиите и знам низ колку пресврти поминуваат преговорите. Не е потребен прекумерен ентузијазам кога се изгледа лесно, ниту разочарување кога произлегуваат потешкотии. На сите оние што работат во дипломатијата, работата им е ентузијазмот да го направиме позитивна енергија за да се соочиме со потешкотиите и да ги надминеме, објаснува Никос Коѕијас.