Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бара брзи предвремени парламентарни избори кои, како што вели, ќе овозможат формирање стабилна влада способна да се соочи со предизвиците пред кои е исправена земјата. Формирање ново парламентарно мнозинство, според него, нема да помогне во решавање на наталожените проблему, туку само ќе доведе до преговори и разговори, и разводнување на капацитетот за управување на институциите и ќе креира погрешна слика која нема да ја пресликува волјата на народот изразена на изборите кои штотуку завршија.
-Затоа во овој момент најдобро решение за Македонија е без одлагање брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат цврста и стабилна влада за решавање на актуелните проблеми и вадење на Македонија од кризата во која оваа корумпирана Влада ја втурна. Брзи избори за кои нема да има алтернатива затоа што е потребна стабилна влада и наминување на кризите со кои ќе се соочиме, рече Мицкоски на денешната прес-конференција во партиското седиште.
Изборите, нагласи, се светло на крајот на тунелот и патот до промените кои, како што потенцира, само тогаш ќе бидат целосни.
-Брзите избори ќе треба да обезбедат влада која ќе спроведува политики кои ќе решаваат проблеми и ќе ја донесат новата иднина во која веруваме и за која се бориме. Воедно нова влада треба да ги релаксира и односите во општеството за да се стави крај на поделбите и конфликте и посеаната омраза која е во функција на заштита на криминалот, да се донесе правда и сигурност да зачекориме во подобри времиња иднина каква секој еден гражанин заслужува, рече Мицкоски.