Пендаровски ги прими акредитивните писма на новата амбасадорка на Пакистан, Мариам Мадиха Афтаб

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Исламската Република Пакистан во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Мариам Мадиха Афтаб.

Како што соопшти кабинетот на Претседателот, на церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски истакна дека како одговорна членка на меѓународната заедница, Република Северна Македонија им придава значење на односите со сите држави, за доброто на нашите народи, обезбедување и зацврстување на мирот во светот, како и одржлив развој и економски просперитет.

-Дозволете ми, во тој контекст, да ги нагласам интересот и подготвеноста на Република Северна Македонија за натамошно унапредување и за развој на односите и соработката со Исламска Република Пакистан во сите домени од заеднички интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план, рече претседателот Пендаровски.

Новоименувата амбасадорка Мариам Мадиха Афтаб нагласи дека од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји пред речиси 20 години, Пакистан и Северна Македонија градат срдечни и пријателски односи и споделуваат заеднички вредности и силна посветеност за заеднички придонес кон изградба на мирен и просперитетен свет.

-Пакистан со нетрпение очекува тесна соработка со Северна Македонија за понатамошно зајакнување на нашите билатерални односи во низа области, од економија и трговија до образование, култура и животна средина, рече амбасадорката Афтаб.

Претседателот Пендаровски на новоименувата амбасадорка на Исламската Република Пакистан, Мариам Мадиха Афтаб ѝ посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција, стои во соопштението.