Европската комисија потврди со уште еден извештај дека Северна Македонија ги исполнува критериумите да ги почне преговорите за членство и очекува првата меѓувладина конференција со која би бил означен стартот на преговорачкиот процес да се одржи до крајот на годинава. Останува да се отстрани единствената пречка – блокадата од Бугарија. Во Скопје владее умерен оптимизам дека е можен пробив во спорот со Софија до крајот на годинава, но и уверување дека ќе биде препознаено дека е време за одговорност за тоа каде ќе биде овој регион пет, десет години од денес.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во одговор на новинарско прашање дали Комисијата има план што потоа доколку не се отворат преговори со Северна Македонија и Албанија, или ќе се задржат на реториката дека реформите се прават во интерес на граѓаните, вели дека вниманието е целосно насочено кон реализрање на поставената цел – старт на преговори до крајот на годината.
– Јасно е дека има одлука да се почнат преговори. И сите треба да се потрудат да работиме на тоа. Сега се надеваме до крајот на годината и во иднина и да продолжиме со работа како што се отвораат групи поглавја, како што се водат преговорите, но не сакам да шпекулирам што ќе правиме за година или две. Сега се концентрираме да го реализираме ова до крајот на годината, истакна Гир на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров за презентирање на Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија.
Тој укажа на пораките од лидерите на ЕУ и од Западниот Балкан, кои, како што вели, беа јасни во однос на стратегискиот избор што Унијата го прави – дека иднината на оваа земја, на Западен Балкан е во ЕУ.
– Каде сме сега добро ви е познато. Го имаме прашањето за отворање преговори за пристапување, извештајот е корисен со тоа што потврдува повторно дека Северна Македонија го има испорачано она што го ветила. Пораката ја чувме и од комесарот вчера дека ние, односно ЕУ, земјите членки и Комисијата, но и други треба да ги засилиме напорите за да го решиме ова прашање што е можно поскоро за преговорите да може да почнат вистински, оцени Гир.
Според вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, многу е важно што во оваа фаза голем интерес и ангажман покажуваат претседателката на Еврокомисијата Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, што ни дава надеж дека со тоа ниво на ангажман сепак ќе се успее да се направи пробив, иако, смета, дека треба да бидеме уште многу внимателни со очекувањата и со надежта.
Тој потсети дека ние сме земја која добива позитивни извештаи со можеби некој исклучок, секоја годин од 2009 наваму, а сега сме 2021 година и не е случајно што зборот кредибилитет беше спомнувам толку многу вчера и од еврокомесарот Оливер Вархеји и од европратениците членови на АФЕТ комитетот.
– Затоа тоа што постојано и ние го велиме влогот навистина е огромен не само за нас, тоа е очигледно, меѓутоа и за регионот и за самата ЕУ, бидејќи кога има позитивен извештај, а нема акција, тоа влијае на вредноста на овие извештаи и тоа е сосема природно. И бидејќи се наоѓаме во период на избори иако локални, на некој начин дали ЕУ ќе успее да испорача тогаш кога земјите од Западен Балкан испорачуваат ќе влијае дали политиките – проевропските политики ќе бидат вреднувани од гласачите, рече Димитров.
Според Димитров, ако не се успее да се направи пробив за време на словенечкото претседателство, можеби има мал простор со следното француско претседателство, меѓутоа, како што рече, „пак влегуваме во водите на што ако“.
– Јасно е дека ЕУ одлучува со консензус, нас ни требаат 27 земји членки. Тие кажаа „да“ заедно во март минатата година, меѓутоа една, нашиот сосед Бугарија, оневозможува да биде усвоена преговарачката рамка и да биде одржана првата меѓувладина конференција. Тоа се разбира влијае на нас, влијае на македонско-бугарското пријателство и влијае на политиките на целата ЕУ кон целиот регион, бидејќи токму на нашето досие многу од соговорниците од земјите од Западниот Балкан велат ако вие не успеете каква тоа порака нам ни испраќа после сите наши аргументи со чекање, со напредокот. Затоа е време за одговорност на некој начин да мислиме каде ќе биде овој регион пет години од денес, десет години од денес. Нашите соседи се исто од овој регион без разлика што се во ЕУ, а ние уште чекаме да ги почнеме пристапните преговори, рече Димитров.
На новинарско прашање дали ситуацијата со ветото на Бугарија придонесува кон намалување на смислата на извештајот на ЕК за спроведување на реформите, Димитров кусо одговори „да“.
Премиерот Зоран Заев смета дека Извештајот на Европската Комисија за прогресот на Северна Македонија, во целост го потврдува напредокот на кој посветено работиме. Ивештајот потврдува дека чекориме силно на европскиот пат, а тоа е, вели премиерот, единствениот пат кој носи европски стандарди и подобар живот,
Првите дипломати на ЕУ и на САД Жосеп Борел и Ентони Блинкен, минатата недела на средба во Вашингтон ја повторија нивната целосна поддршка за процесот на проширување на Унијата кон Западниот Балкан со цел „зајакнување на демократските институции, заштита на темелните права и унапредување на владеењето на правото“. Двајцата се согласиле дека и нтеграцијата на регионот во ЕУ ќе придонесе за стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан.
– Во овој контекст истакнуваме дека преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија треба да започнат без одлагање, стои во соопштението на Кабинетот на Борел со деталите од средбата и нивните пораки за Западен Балкан. Во фокусот на средбата биле најголемите предизвици во областа на меѓународната политика за ЕУ и САД.