Мицкоски: Тие 400 илјади кои не гласаа за Заев и тие што останаа дома, не се никакво зло

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот прв митинг во кампањата за финалниот круг од локалните избори го коментираше писмото што лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев партиското членство, посочувајќи дека тој на индиректен начин вели дека „тие што не гласале за него, биле злото“.

– Јас не мислам така, јас велам тие 400 илјади кои излегоа и не гласаа за Заев и тие милион гласачи кои одлучија да останат дома не се никакво зло, тоа е Македонија. Тоа е Македонија која бара помени и иднина. Македонија која се обединува против Заев и вели доста е. Доста е од се што до сега видовме, истакна Мицкоски.

Според него, доколку Заев остане премиер, Шилегов градоначалник и СДСМ на власт „извесно е дека ќе прогресираат само криминалот, тендерите и неисполнетите ветувања“.

Народот, рече тој, во неделата му се обрати на Заев, а следното обраќање на народот следува на 31 октомври кога во огромно мнозинство треба да излезе и да се определи за нова иднина.

Мицкоски посочи дека клучот е во излезноста, како и тоа дека негативната кампања не треба да ги одврати граѓаните, затоа што власта „само со нивниот поткуп и притисоци имаат намера да го обезвреднат гласот на граѓанинот“.

– Одговорот мора да е масовна излезност, бидејќи сме на само на чекор од целта. Победа за нова иднина. Победа за нов почеток и нова надеж, порача Мицкоски повторно барајќи ја поддршката на тивкото мнозинство.

Кампањата за вториот круг од изборите, додаде тој, ја почнуваме од Центар затоа што промените што почнаа во неделата тука ќе бидат најсилни искажувајќи верба дека кандидатката на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе победник на изборите.

– Овде СДСМ е на власт 8 години. Пред да дојдат на власт ветуваа мораториум на градењето, нови паркови и решавање на сообраќајниот хаос. После 8 години власт на СДСМ имаме супер интензивна бетонизација, немаме нови паркови и имаме сообраќаен хаос како никогаш порано. Без оглед кој е градоначалник од СДСМ, овие 8 години однесувањето им остана исто. Знаете ли каде е вистинскиот проблем со бетонизацијата и урбаната мафија? Затоа што постои пакт на криминалците со пари и нивните луѓе во политиката. Тој пакт раѓа бетон кој за граѓаните значи ограничување на нивната слобода, а за овие другите значи пари, рече Мицкоски.

Тој и луѓето околу него, како што рече, никому не должат и не прават пактови со криминалците.

– Должиме само на народот кој мора да знае дека нема да дозволиме бетон кој ќе ја ограничува и одзема нивната слобода и нормалниот живот, изјави Мицкоски.

Тој побара граѓаните на Центар да ги поддржат кандидатките за градоначалнички на Центар и на Град Скопје, Наташа Котлар-Трајкова и Данела Арсовска.