Гир: Целта е да се отворат преговорите до декември, и таа цел не се менува

 Кога говориме дека реформите се во интерес на граѓаните тоа не е реторика. Целта е да се отворат преговори што поскоро во надеж дека тоа ќе биде до декември и таа цел не се менува. Граѓаните сакаат да видат зајакнување на владеење на правото, сакаат намалување на корупцијата, чист воздух, просперитет, така што сметам дека ова не е само реторика, туку е важно, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир во одговор на новинарско прашање дали Комисијата има план што потоа доколку не се отворат преговори со С Македонија и Албанија, или ќе се задржат на реториката дека реформите се прават во интерес на граѓаните.

– Јасно е дека има одлука да се почнат преговори. И сите треба да се потрудат да работиме на тоа. Сега се надеваме до крајот на годината и во иднина и да продолжиме со работа како што се отвораат групи поглавја, како што се водат преговорите, но не сакам да шпекулирам што ќе правиме за година или две. Сега се концентрираме да го реализираме ова до крајот на годината, истакна Гир на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров за презентирање на Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија.  

Гир повтори дека реформите наведени во Извештајот треба да се спроведат во контекст на процесот на европска интеграција и да и помогнат на земјата да воведе стандарди и практики кои граѓаните во ЕУ ги очекуваат од своите влади и кои ги очекуваат и од ЕУ.  

– Пораките од лидерите на ЕУ и од Западниот Балкан беа јасни во однос на стратегискиот избор што Унијата го прави, дека иднината на оваа земја, на Западен Балкан е во ЕУ. Каде сме сега добро ви е познато. Го имаме прашањето за отворање преговори за пристапување, извештајот е корисен со тоа што потврдува повторно дека Северна Македонија го има испорачано она што го ветила. Пораката ја чувме и од комесарот вчера дека ние, односно ЕУ, земјите членки и Комисијата, но и други треба да ги засилиме напорите за да го решиме ова прашање што е можно поскоро за преговорите да може да почнат вистински. Тоа значи дека постојните контакти и односи билатерално меѓу Бугарија и Северна Македонија, тоа важи и за нив. И патот кон ЕУ е секако со реформи и секој преземен чекор од реформите и подготвеноста што ја посочи вицепремиерот кога тоа се подобрува, доаѓате поблизу до ЕУ. Но, јасно, и комесарот го кажа тоа вчера, треба да се отворат преговори, оцени Гир.  

Во однос на вчерашната изјава на еврокомесарот Оливер Вархеји дека бугарскиот европратеник Андреј Ковачев му бил таен помошник во „унапредување на работите меѓу С Македонија и Бугарија“, Гир истакна дека еврокомесарот бил јасен дека бил и во Софија и во Скопје и оти одржува контакти за да помогне да се реши ова прашање час поскоро затоа што е врвен приоритет за него како комесар за проширување но и за ЕУ.

– Тој беше многу јасен на таа тема. Не знам што мислите со тоа посебен советник. Ние сме овде, одржуваме контакти со сите, со властите, со опозицијата, со граѓанското општество, ги слушаме сите за сите прашања вклучување и прашањето за односите со другите земји, заклучи Гир.  

Вархеји вчера изјави дека работи до декември да се одржи првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија заедно со Албанија, и оти е против одвојување на овие две земји на европскиот пат.