За Северна Македонија напредокот во интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања, и дека во таа насока земјата има постигнато огромен напредок во усогласувањето на домашната легислатива со онаа на ЕУ, како резултат на интензивниот процес на реформи и за европеизација на сите сегменти на општеството.
Ова го истакнал премиерот Зоран Заев на средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, кој е во работна посета на земјава.
Заев и Варвициотис се согласиле дека од исклучителен заеднички интерес и стратешка цел на двете земји е Северна Македонија колку што може поскоро да ги започне пристапните преговори со ЕУ, и дека Грција во таа насока ќе продолжи со силната поддршка.
Заев, како што соопшти владината прес-служба, истакна дека посетата на грчката делегација на чело со Варвициотис на земјава се остварува во период на интензивна билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Грција, која од Договорот од Преспа секојдневно се проширува и расте.
На средбата како посебно важни беа истакнати проектите во енергетиката како стратешка и приоритетна дејност за двете земји за што сведочат веќе потврдените проекти за соработка и за заеднички инвестиции кои имаат и силно регионално значење и потенцијал.
За време на разговорот од двете страни беше потенцирано задоволството што го нагласуваат инвеститорите од Грција за соработката со Владата на Северна Македонија, која, како што беше кажано, е дополнителен мотив и испраќа силна порака дека бизнис заедницата на Хеленската Република има пријателска средина за инвестиции во нашата земја.
На средбата претседателот на Владата Заев повтори дека е отворена поканата премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис да ја посети Северна Македонија, и дека секоја посета, како оваа на алтернативниот министер за надворешни работи, е придонес за унапредување на пријателството меѓу двете земји.
Од Министерството за надворешни работи на Грција, пак, соопштија дека во фокусот на средбата Заев- Варвициотис биле билатералните односи, вклучително и доследното спроведување на Договорот од Преспа, продлабочувањето на економската соработка меѓу двете земји, како и европската перспектива на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан, биле, јави дописничката на МИА од Атина.
-Двете страни го потврдија одличното ниво на билатералните односи меѓу двете земји. Разговорите се фокусираа, меѓу другото и на економските прашања, инвестициите, енергетските прашања, како и регионалните случувања и управувањето со пандемијата на Ковид-19, соопштија од грчкото МНР.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија „ја истакнал потребата за целосна доследна и верна и имплементација на Договорот од Преспа како неопходен предуслов за дополнително да се зајакнат односите меѓу Грција и Северна Македонија и остварување на заедничката визија за интеграција на Северна Македонија во европското семејство“.
-Со премиерот на Северна Македонија Зоран Заев ја потврдивме важноста на дополнителна унапредување на односите меѓу Грција и Северна Македонија и европската перспектива на неговата земја. Целосното спроведување на Договорот од Преспа е од витално значење за постигнување и на двете цели, напиша Варвициотис на „Твитер“ по средбата со премиерот Заев.