Варвициотис: Веднаш да се свика меѓувладината седница за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ

Грција смета дека веднаш треба да се свика меѓувладината седница за Северна Македонија и Албанија за почеток на преговори за нивно членство во Европската унија и оти чекорите што Унијата треба да ги преземе во оваа насока треба да бидат брзи и одлучни.

– Европа е нашиот дом и ние сакаме тој дом да се прошири, да ги прифати сите земји од европскиот континент и на тој начин да се воспостави една географска целина и заокружување, а со тоа земјите од Западен Балкан да се приклучат кон заедницата, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања Милтиадис Варвициотис, по средбата со вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Европската перспектива на Западен Балкан, нагласи, е национална политика која Грција ја спроведува скоро две децении. 

-Сметаме дека чекорите за оваа насока од страна на Европа треба да бидат брзи и одлучни. Затоа ги поздравуваме и затоплувањата во однос на проширувањето објавени на Самитот во Брдо и за тоа се насочуваме. Сметаме дека треба веднаш да се свика меѓувладината седница за двете земји, Албанија и Северна Македонија, така што, да се расчистат позициите за следните чекори во преговорите и со евентуалните забрзувања на проширувањето како за Србија, така и за Црна Гора, рече Варвициотис.

Но, вниманието во регионот, потенцира, не треба да се намали во никој случај, независно од прашањето за меѓувладината седница, кој веднаш и брзо треба да биде свикана.

Грчкиот алтернативен министер за надворешни работи истакна дека во разговорите со Димитров биле разгледани можностите како Грција ќе даде техничко знаење за процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ. 

-Подготвени сме да учествуваме во сите аспекти на европската политика, но подготвени сме и да ја зајакнеме и нашата економска соработка во духот на пријателството и меѓусебното разбирање и добрососедските односи. Добрососедските односи сигурно се потпираат на довербата и правилното спроведување на Договорот од Преспа, рече Варвициотис.

Димитров ја оцени средбата со грчкиот алтернативен министер за надворешни работи како отворена, срдечна и пријателска, и како средба што доликува на новото поглавје на односите меѓу Грција и Северна Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор. 

-Разговаравме пред се за европската иднина на Балканот. Оваа посета за мене меѓу другото е сигнал за грчката поддршка. Таа ја гледаме и во Брисел, ја видовме на Самитот во Брдо, ја гледаме и во јавни изјави на премиерот Мицотакис, вашите изјави… Разговаравме и за Меморандумот за разбирање што веќе го имаме со Грција, за забрзување на евроинтегративните процеси за Република Северна Македонија, за тоа како да имаме поголема соработка меѓу нашите и нивните институции во оваа смисла, рече вицепремиерот Димитров. 

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања Милтиадис Варвициотис, денеска и утре, на покана на Димитров престојува во работната посета на земјава. Предвидено е тој да се сретне и со премиерот Зоран Заев, како и со министерот за надворешни работи Бујар Османи.