Мицкоски: Не прифаќаме промена на Уставот ако нема реципроцитет и од бугарска страна

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека Бугарија не може да бара од земјава да вклучи незначително бугарско малцинство во Уставот, а од друга страна да не дозволат значително македонско малцинство да биде вклучено во бугарскиот Устав.

– За промена на Уставот во Македонија се потребни две третини и ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати каква било промена на Уставот и овој амандман доколку немаме реципроцитет и од бугарската страна, односно вклучување на македонското малцинство во Бугарија како конститутивен народ во рамките на бугарскиот устав и признавање на сите оние одлуки на Судот за човекови права во Стразбур и резолуции од Европскиот Парламент со кои до овој момент се спречува на Македонците во Бугарија да се организираат во свои здруенија, да имаат културно воздигнување итн., рече Мицкоски во изјава за Канал 5.

Целиот процес, како што кажа, е заглавен, а и Радев тоа го потврди. – Затоа што, Радев инстистира рамката на бугарскиот Парламент да биде дел од преговарачката рамка која ќе биде при евентуалнот почеток на преговори и тоа е став од самиот почеток иако спротивно не убедуваше Зоран Заев дека ќе се потпишел протокол во кој што немало да биде содржана рамката на бугарскиот Парламент, рече Мицкоски.

– Денеска Радев тоа го кажува во неговата изјава дека на почетокот на ноември ќе добиеле протокол и доколку тој протокол содејствува со рамката на бугарскиот Парламент и да биде тоа вклучено во преговарачката рамка, тогаш тие ќе го поддржеле преговарачкиот процес, вклучувајќи и амандман за вклучување на бугарско малцинство во Македонија, незначително бугарско малцинство во Македонија во рамките на Уставот, рече Мицкоски.