Недвосмислена поддршка за евроинтеграцијата, но и предупредување за строгите услови што ќе добие Западен Балкан од Самитот во Брдо

Реафирмација на европската перспектива на Западен Балкан, која е заеднички стратешки интерес, развојот на соработката и социо-економското закрепнување на регионот од последиците на пандемијата на Ковид-19, имплементацијата на Економскиот и инвестициски план (ЕПИ) кој обезбедува одржлив пакет инвестиции и ќе генерира заеднички одржлив раст во сферите на екологијата, дигитализацијата и човечките ресурси, како и разгледување на понатамошната соработка за политички и безбедносни прашања од заеднички интерес се темите за кои ќе разговараат лидерите на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што се одржува денеска во Брдо кај Крањ.

Недвосмислена поддшка за нивната перспектива, но и предупредување за ригоризните услови, кои треба да ги исполнат на тој пат ќе добијат земјите од Западен Балкан од нивните партнери, членките на Европската Унија, според она што го содржи нацрт-декларацијата, за кој изминатиот период имаше тврдења дека предизвикала несогласувања меѓу земјите-членки, поради тоа што некои од нив барале „крај на проширувањето“.

Сепак последната верзија не наговести крај на проширување, но предупреди дека Унијата во целиот овој процес ќе води сметка за себе и за нејзините капацитети, при приемот на нови членки, јави известувачот на МИА од Брдо.

– ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е во наш заеднички стратешки интерес и останува наш заеднички стратешки избор, се наведува во нацрт-декларацијата, но се споменува и исполнувањето на ригозорни услови, на договорите за решавање на билатерални проблеми, зајакната борба против криминалот, корупцијата, тероризмот.

– ЕУ ја потврдува својата посветеност кон процесот на проширување, врз основа на досега донесените одлуки, но и врз основа на веродостојни реформи спроведени од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност, како и врз основа на принципот на сопствена заслуга. Ние дополнително ќе го интензивираме нашиот заеднички ангажман за да продолжиме понатаму со политичката, економската и социјалната трансформација на регионот, притоа признавајќи го напредокот на што го постигна регионот на Западен Балкан, се вели во нацрт-декларацијата.

Во документот се потенцира и важноста ЕУ да биде во состојба да го одржи и продлабочи сопствениот развој, обезбедувајќи капацитети за интегрирање на новите членки.

Нацрт-деклатацијата содржи 29 параграфи, поделени во четири тематски целини – Декларацијата „Брдо“, Ковид-19, Економски и инвестициски план за Западен Балкан и Политичка и безбедносна соработка.

Членките на Унијата и во Декларација ја нагласуваат важноста од почитувањето на добрососедските односи во регионот и исполнувањето на Договорот од Преспа на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, како и пронаоѓање и спроведување на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови на партнерите и прашањата вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи.

Во Економскиот и инветицискиот план за Западен Балкан кој е образложен во нацрт-декларацијата, а согласно заложбите од претходниот ваков самит во Загреб, планиран е одржлив инвестициски пакет од 30 милијарди евра за регионот во следните седум години Од нив девет милијарди евра се неповратни средства, а околу 20 милијарди евра инвестиции во обновата и закрепнувањето на Западен Балкан. ЕУ, меѓудругото нагласува дека продолжува да ја поддржува регионалната соработка и ги повикува лидерите од регионот да го воспостават заедничкиот регионален пазар, договорен во Софија во 2020 година.

Самитот денеска стартува официјално, откако вчера словенечкиот премиер Јанез Јанша беше домаќин на неформалната вечера на членките на Европскиот совет.

На него учествуваат лидерите на земјите-членки на ЕУ, како и лидерите на шестте партнери од Западен Балкан, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово. Како што е објавено на страницата на словенечкото претседателство за најавата на состанокот, со Самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој ќе ја претставува ЕУ заедно со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Делегацијата на Северна Македонија ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, а во неа ќе бидат и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешн и работи Бујар Османи.

– Словенија, како земја претседавач со Унијата, ќе се фокусира на соработката на ЕУ со Западен Балкан, и источното соседство. Словенија знае од сопственото искуство колку е важна европската перспектива за спроведувањето реформи во процесот на пристапување. Оваа перспектива мора да биде опиплива, а нејзиното исполнување да биде можно од сегашната генерација, во спротивност повеќе не би претставувало никаков поттик, наведува словенечкото претседателство.

Се додава дека Западен Балкан и кредибилното продолжување на евроинтегративниот процес е долгорочен приоритет на надворешната политика на Словенија, како и на Словенија како држава-членка која е актуелен претседавач со Советот на ЕУ. Поради тоа е одлучено дека земјата ќе биде домаќин на Самитот ЕУ-Западен Балкан. Самитот е важен за промовирање на дебатата на оваа тема на највисоко ниво и во поглед на политичките пораки за геостратешкото значење на регионот за Европската Унија и заедничките обврски за кредибилен евроинтеграциски процес, наведува словенечкото претседателство.

– Нашата цел е да го реафирмираме, да го оживееме и да ја обновиме европската перспектива за Западен Балкан, што беше декларирана на Самитот во Солун во 2003 година. Ако успемее во ова, ќе докажеме дека сме стратешки играч во нашето соседство. Доколку не успееме, и не направиме чекор напред кон Западниот Балкан, овие чекори ќе ги направи некој друг, некој со различни вредности и интереси (премиерот Јанез Јанша), се наведува во најавата за Самитот на словенечкото претседателство.

Словенија, како што посочуваат од словенечкото претседателство, верува дека ЕУ треба да биде постратешка во пристапот и акциите, особено во нејзиното најблиско соседство.

Самитот ќе го отвори словенечкиот премиер Јанез Јаншна, по што ќе следуваат две пленарни сесии, од кои на едната на лидерите, ќе им се приклучат претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Светската банка и Регионалниот совет за соработка. По завршувањето на сесиите предвидено е усвојувањето на декларацијата, а потоа следува заедничка прес-конференција на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателската на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и словенечкиот премиер Јанша.

Самитот се одржува во исклучително чувствителен период за актуелниот претседавач на Унијата, Словенија, чија Влада е под постојана критика во самата ЕУ поради недемократски тендеции и пројава на популистички мерки на владеење. Протестите се секојдневие во главниот град на Словенија, при што дел од граѓаните протестираат општо против владините политики, додека други против мерките на Владата на Јанша за справување со пандемијата.

Силно полициско обезбедување има вчера и денеска во Љубљана. Полициски хеликоптер вчера постојано надлетуваше над главниот град на Словенија, а словенечката полиција употреби солзавец и водени топови против демонстрантите на антивладиниот протест. Словенечката полиција постави контролни пунктови и го ограничи сообраќајот и движењето недалеку од Љубљана, каде што ќе се одржи самитот.