Османи – Хависто: Потребно е да се врати кредибилитетот на процесот на проширување

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во пресрет на утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан, денеска во Варшава оствари средба со финскиот колега Пека Хависто при што размениле мислења и очекувања поврзани со ревитализацијата и улогата на политиката на проширување на Европската Унија.

Како што соопшти МНР, акцентот беше ставен на eвропската перспектива на Северна Македонија, за што Финска изразува целосна поддршка.

-Благодарни сме на принципиелната поддршка од страна на Финска и нејзините цврсти ставови за поддршка на целиот регион. Повеќе од потребно ни е да ја вратиме довербата и кредибилитет во процесот на проширување, како најважниот придонес кон стабилноста и безбедноста и на регионот и на целиот континент, изјави Османи, потенцирајќи притоа дека земјава остануваме цврсто посветена на процесот на реформи во клучните области.

Двајцата министри разговараа и за развојот на билатералните односи, економската соработка, состојбата со КОВИД-19 и во двете земји како и други актуелни прашања., стои во соопштението.

Министерот Османи во Варшава учествува на Варшавскиот безбедносен форум (WSF) – водечка европска платформа посветена на трансатлантската соработка, фокусирана на изнаоѓање одговори на заедничките безбедносни предизвици.