Среди на Димитров со Жак Мер, Лилијана Танги и Јоргос Папандреу во Стразбур

На покана на претседателот Рик Даемс, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска ќе има специјално обраќање на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, што се одржува во Стразбур, јави дописникот на МИА.

На првиот ден од работната посета на Стразбур, вицепремиерот Димитров вчера имаше средба со Жак Мер и Лилијана Танги, пратеници во Националното собрание на Франција, од редовите на движењето „Републиката во Марш“ на претседателот Макрон.

Средбата се одржа во пресрет на идното француско претседавање со Советот на ЕУ со цел размена на ставови за ревитализирање на политиката на проширување на Европската Унија, со акцент на европската перспектива на Северна Македонија.

Пратениците Мар и Танги ја реафирмираа француската поддршка за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија, како валоризација на постигнатите резултати со кои земјата ги исполни предвидените обврски. Тие изразија надеж дека одлуката на Советот на ЕУ од март минатата година ќе биде спроведена во претстојниот период.

На средбата, пак, со Јоргос Папандреу, пратеник во грчкиот Парламент, актуелен претседател на Социјалистичката интернационала и поранешен премиер на Грција, се разговараше за модалитетите на инклузивна соработка, конструктивни меѓусебни односи во регионот. Тие се согласија дека со отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија, ЕУ ќе ја ревитализира довербата во ветувањето од Солун за европската иднина на целиот регион во клучен момент.

Папандреу ќе ја предводи денешната дебата за демократските предизвици и европските аспирации за Западниот Балкан, што ќе следи веднаш по обраќањето на вицепремиерот Димитров на есенската сесија на Парламентарното собрание при Советот на Европа.

Вицепремиерот Димитров ќе има средба со генералниот секретар на Совет на Европа,  Марија Пејчиновиќ Буриќ, со неговиот домаќин претседателот на Парламентарното собрание на  Советот на Европа, Рик Даемс, како и со неколку други членови на ПССЕ.

По неговото обраќање, предвидена е дискусија за демократските предизвици и европските аспирации за Западниот Балкан и улогата на Советот на Европа во таа смисла.

Во ПССЕ, триесет и седум членови на Парламентарното Собрание на Советот на Европа предлагаат  резолуција со која се бара поддршка за европска перспектива за Западен Балкан. Во предложената резолуција тие констатираат: „Поминаа 26 години од Дејтонскиот договор и 18 години од Советот на ЕУ во Солун, кој ја започна програмата за интеграција на Европската Унија за Западен Балкан. Оваа временска рамка е премногу долга и предизвика фрустрации и разочарување во регионот, распалувајќи ги етноцентричните импулси и националистичката носталгија, оцрнувајќи го кредибилитетот на Европската Унија кај јавноста и го отвора патот за влијанието на другите геополитички актери“.

-Време е Европската Унија да го забрза процесот на интеграција на Западен Балкан со повторно започнување на преговорите со Србија и Црна Гора преку воспоставување преговори со Албанија и Северна Македонија, доделување статус на земја кандидат за Босна и Херцеговина и либерализација на визите за влез во ЕУ за Косовците, велат 37-те потписниците на резолуцијата.

Меѓу потписниците на резолуцијата се и членовите на македонската парламентарна делегација, пратеничките Бисера Костадиновска-Стојчевска и Арта Билјали Зендели.

Оваа предлог резолуција се уште не е разгледана од ПССЕ и е обврзувачка само за нејзините потписници.