Пендаровски во ОН: Одговорно визионерско лидерство, поголема емпатија, соработка и солидарност

Почетокот на крајот на пандемијата е на повидок, треба да поддржиме нови идеи и иницијативи, а при соочување со сложените и меѓузависни проблеми на новото време ни треба посилно и подлабоко партнерство и солидарност. Тоа се дел од пораките што ги упати претседателот Стево Пендаровски, во обраќањето на генералната дебата од 76. сесија на Генералното собрание на ООН во Њујорк.

Пендаровски потенцираше дека Западен Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција.  – Ако сакаме стабилен и просперитетен Западен Балкан како важна алка во континенталната и трансконтинентална стабилност и безбедност, мора да разбереме дека итно е потребен пробив на планот на неговата европска интеграција, укажа Пендаровски, наведувајќи дека нашата држава продолжува да ги зајакнува внатрешната стабилност и развојот, како функционално мултиетничко општество, засновано врз начелата на демократија, владеење на правото и човековите права.

Изминативе скоро две години, рече во обраќањето, речиси и да нема држава која не беше сериозно погодена од Ковид-19. Сооченo со предизвик без преседан, човештвото се обедини и го мобилизираше целиот свој капацитет за да ги ублажи последиците од пандемијата и да се подготви за постковид епохата. И покрај разликите меѓу најразвиените земји и сите останати, што повторно испливаа на површина, бевме сведоци на серија одлични примери на солидарност и човечност низ светот. Иако битката не е целосно добиена, конечно можеме да видиме светлина на крајот на тунелот и повторно да се фокусираме на иднината. Во таа насока треба да поддржиме нови идеи и иницијативи, како што е иницијативата на Г7 ‒Градиме подобар свет, инфраструктурно партнерство, насочено кон помагање на светот во развој, најсилно погоден од ковид-19, наведе Пендаровски.

Како што посочи, самиот факт што најголемиот број лидери се присутни, наместо да се обраќаат преку видео- пораки, говори дека почетокот на крајот на пандемијата е на повидок.

-Пандемијата, како и секоја голема несреќа во историјата на човештвото, е лекција која мораме да ја научиме. Не само ковид-19, туку повеќето од предизвиците со кои се соочува човештвото не запираат на нашите државни граници и не прават разлика меѓу нациите, религиите и идеологиите. Со сите глобални проблеми, без разлика дали се работи за безбедност, пандемии или климатски промени можеме да се избориме само со поголема емпатија, соработка и солидарност, рече Пендаровски.

Шефот на државата нагласи дека реалноста, денес, е дека нашиот свет е далеку од безбедно место за живеење. Конфликтите низ целата планета, активни или замрзнати, тероризмот, хибридните закани, рече, продолжуваат да ги загрозуваат нашиот мир и начинот на живеење, да ги загрозуваат човековите права и слободи, предизвикувајќи хуманитарни катастрофи и бранови бегалци. При тоа ја сподели загриженоста на многу лидери за последниот развој на настаните во Авганистан, вклучувајќи го и генералниот секретар на ОН, кој предупреди дека светот се соочува со уште една хуманитарна катастрофа и повика на помош, здружени напори и солидарност.

-Водена од чувството за морална обврска, како и солидарната одговорност, мојата земја, Северна Македонија, веднаш ја искажа својата подготвеност да прими значителен број бегалци од Авганистан, особено од најранливите категории и луѓето кои долги години работеа за агенциите на Обединетите нации во таа земја. За стотици од нив веќе е обезбедено сигурно засолниште и услови за достоинствен живот. Веднаш откако првиот авион со авганистански бегалци слета на скопскиот аеродром, се роди бебе во локалната болница, симболичен извор на надеж и доказ дека животот, сепак победува! Подготвени сме да дадеме свој придонес кон напорите на меѓународната заедница со цел да овозможиме подобар живот за овие лица погодени од воениот хаос и деструкција, порача Пендаровски.

Тој нагласи дека улогата на мултилатерализмот и Обединетите нации како негово универзално олицетворение, треба да бидат движечка сила за зајакнување на инструментите и методите за обезбедување безбедност, демократија, слобода, човекови права, одржлив развој и просперитет за сите.

Мораме, рече Пендаровски, да го обновиме ефективниот и инклузивен мултилатерализам што дава чувство дека сите заедно учествуваме во обликувањето на нашата судбина…Во духот на мултилатерализмот, посочи, Република Северна Македонија ќе продолжи да ги исполнува своите меѓународни обврски и да ја поддржува работата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции во креирањето и спроведувањето на јавните политики за прашања од глобално значење.

-Познато е дека секоја криза е истовремено и нова можност. Ковид-19 нè повикува сите да го преиспитаме нашиот однос кон различните аспекти на животот. Се потврди дека јавното здравје, образованието и науката заслужуваат многу повеќе внимание ако сакаме нивниот развој да биде системски, интегрален и одржлив, додаде Пендаровски.

Според него, при соочувањето со сложените и меѓузависни проблеми на новото време ни треба посилно и подлабоко партнерство и солидарност. Не само за справување со нивните последици, за преструктуирање на економиите и натамошен развој, туку, вели, понекогаш, за промена на начинот на размислување кој нè држи во место и не носи прогрес. Притоа, човечкото достоинство, како што вели, треба да биде во фокусот на нашите напори, како на национално, така и на меѓународно ниво. Искоренувањето на сиромаштијата е само почетната точка за обезбедување на минималните права и потреби за сите, а предуслов за тоа е новите генерации да бидат воспитувани во духот на поголема солидарност, а помала нееднаквост меѓу луѓето.

-Одговорното визионерско лидерство, во рамките на нашите граници и надвор од нив, е основното средство за постигнување на овие благородни цели. Не треба да бегаме од сопствените обврски; да учиме од нашите грешки и погрешни перцепции, понекогаш предизвикани од немањето волја да ја напуштиме зоната на удобност и да покажеме поголема храброст и решителност во лидерството. Притоа е апсолутно неопходно да слушнеме и вклучиме различни ставови при носењето одлуки. Не треба да штедиме ресурси и напори за структурно да ја зајакнеме улогата на жените, со крајна цел, целосна родова еднаквост во сите сфери на општеството, без разлика дали станува збор за претприемаштво, безбедност, образование или надворешна политика, вели Пендаровски.

Во овој контекст, нагласи тој, мора да отвориме дебата за демократијата која се наоѓа под заканана глобално ниво и да продолжиме активно да инвестираме во демократските вредности, сузбивајќи ги авторитарните тенденции, високата корупција и систематското нарушување на човековите права.

-Затоа, како претседател на земја којашто знае што значи поинаков систем на управување, уште на самиот почеток ја поддржав идејата на претседателот Бајден за свикување самит за демократија во декември оваа година. Доколку сакаме да ја задржиме моралната супериорност на демократијата во однос на другите модели на политичко управување, мораме да инвестираме во неа, особено меѓу младите генерации. Важно е младите да учат од нашите неуспеси честопати предизвикани од добри намери, рече претседателот Пендаровски.

Тој укажа на значењето на универзалното образование достапно за сите, како основа за личен  развој, кое што ќе ги подготви младите луѓе за полесно соочување со модерните предизвици и ќе го направи светот подостоинствено место за живеење, но нагласи, климатските промени се најголемиот предизвик на нашето време.

-Полека се оформува широк меѓународен консензус дека веројатно најголемиот предизвик на нашето време се климатските промени кои ги гледаме секој ден со различен интензитет и во различни форми. За жал, и покрај тоа што ги чувствуваме последиците од климатските промени во секојдневниот живот, и покрај зголемената свест за неопходноста од нивно ублажување, имаме проблем  да се мобилизираме против оваа опасност. Пред нашите очи се одвиваат ужасни сцени низ целиот свет: застрашувачки поплави овде во Њујорк и во Западна Европа, смртоносна серија пожари во Југоисточна Европа и на Медитеранот што предизвикаа загуба на животи и огромни човечки страдања. Потврдувајќи ги нашите претходни заложби, Северна Македонија останува посветена на Парискиот договор, додека во исто време го зголемува националниот придонес инкорпориран во националните закони, политики и регулаторни мерки. Со голема надеж го очекуваме претстојниот Самит за климатски промени ‒COP 26 во Глазгов, сметајќи го за една од клучните фази во нашите заеднички напори, да го обновиме единствениот дом што го имаме ‒ нашата планета Земја, порача Пендаровски.

Осврнувајќи се на регионалните, односно националните прашања и дилеми, тој рече дека Западниот Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција.

-Актуелниот ќор-сокак во тој процес ги фрустрира граѓаните и постојано го намалува нивниот ентузијазам за позитивни промени. Од друга страна, ваквата состојба ги отвора вратите за геополитички натпревар, но и за поинакви модели на владеење, стеснувајќи го просторот за демократски реформи, толку важни за регионалната перспективаза стабилност и за просперитет. Крајно време е да ја преиспитаме сегашната фаза од најголемиот континентален проект по Втората светска војна, идејата за Европа, обединета, слободна и во мир. Дали актуелниот статус на европските интеграции во регионот е во согласност со визијата замислена од неговите основачи предмногу децении? Ако сакаме стабилен и просперитетен Западен Балкан како важна алка во континенталната и трансконтинентална стабилност и безбедност, мора да разбереме дека итно е потребен пробив на планот на неговата европска интеграција, нагласи шефот на државата.

Според него, како мала земја во Југоисточна Европа, Северна Македонија ја докажа својата способност, заедно со Грција, а со посредство на ОН, да решава и сложени прашања, како што е таканаречениот „спор за името“, што придонесе за дополнителна стабилност во регионот, а ефектите од Преспанскиот договор кој сега се спроведува, со добра волја, рече, ќе биде од корист и за нашите земји и за регионот во целина.

-Во исто време сме подготвени да се вклучиме во конструктивен дијалог со нашиот друг сосед, Бугарија, за да обезбедиме целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка. Продолжуваме да ги зајакнуваме нашата внатрешна стабилност и развојот, како функционално мултиетничко општество, засновано врз начелата на демократија, владеење на правото и човековите права. Притоа сосема сме свесни дека најдобриот можен придонес, што можеме да го понудиме за пошироката стабилност и напредок, е да ги имплементираме сите овие вредности дома, кај нашите граѓани, вели тој.

Пораките, кои оваа недела ги упатуваме од Њујорк, нагласи Пендаровски, не треба да останат само зборовите.

-Без конкретни одлуки денес, светот нема да го направиме подобар утре. Имаме уникатна можност и одговорност како генерација лидери, кои своите земји ги водат низ најголемите предизвици по крајот на Втората светска војна, да преземеме чекори кон создавање помирен и поправеден свет во кој ќе се врати вербата во хуманизмот, слободата, солидарноста и почитување на човечкото достоинство, порача шефот на државата Пендаровски во своето прво обраќање на Генералното собрание на Светската организација.

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е претседателот Пендаровски да има средба со генералниот секретар на Светската организација  Антонио Гутереш, како и билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.