Премиерот Зоран Заев претпладнето се сретна со Мирослав Јанча, помошник генерален секретар на ОН за политички прашања, кој му пренел порака на поддршка од генералниот секретар на Светската организација, Антонио Гутереш, за спроведувањето на значајните реформи во Македонија, за политиките на пријателство, како и за храбрите политики на лидерство што водат до решенија за важни политички прашања од полза на граѓаните и за државава, соопшти владината прес-служба.
На средбата, Јанча, кој беше придружуван од постојаната координаторка на ОН во Скопје, Луиза Витон, посочил и дека во Обединетите нации се забележани политиките на толеранција на различностите што ги водат премиерот Заев и Владата, а се во насока на стабилност и просперитет на Македонија, а со тоа и пошироко во регионот.
Премиерот Заев посочил дека Владата е цврсто определена кон остварување на стратешките цели на Република Македонија, интеграција во ЕУ и НАТО, кои отвораат економски перспективи на граѓаните и на земјата и дека е сериозно поставена во реализацијата на реформската агенда.
– На средина на реформите сме. Работиме на сите потребни реформи за воспоставување правна држава и економски развој, како и на унапредување на добрососедските односи што очекуваме дека ќе направи поместувања кон евро-атлантските цели на Република Македонија. Градиме едно општество за сите, низ инклузивни политики на соработка за важни државни и граѓански прашања. Високо ја цениме поддршката од Обединетите нации, генералниот секретар на ОН Гутереш и од медијаторот Метју Нимиц којашто е во функција на стабилност на Република Македонија и на целиот Балкан, рекол премиерот Заев.
Помошникот генерален секретар на ОН на средбата се заблагодарил за поддршката од премиерот и од Владата на Република Македонија за реформите што во ОН ги иницираше генералниот секретар, Гутереш.
Ја поздравил и активната соработка на Владата на Република Македонија со постојаната координаторка на ОН во земјава Витон во спроведувањето на агендата за одржлив развој на ОН, чија цел е подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани.
На состанокот на премиерот Зоран Заев со помошникот генерален секретар на ОН, Мирослав Јанча, било констатирано дека Македонија се движи во позитивна насока и дека напредокот ќе биде добар сигнал за сите.