Премиерот Зоран Заев не размислува да поднесе оставка по трагедијата во тетовската модуларна болница, а секое барање на опозицијата за негово отстапување од функцијата, вели, е чисто политикантство.
Прашањето дали ќе ја прифати оставката на министерот Венко Филипче, новинарите на премиерот му го поставуваат секој ден, но тој останува на ставот дека ќе донесе одлука за тоа откако ќе завршат форензичките вештачења и ќе се утврдат причините за несреќата.
Опозицијата продолжува да бара одговорност, но, како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не очекува непристрастна истрага „додека министерот за здравство е таму каде што е, додека неговиот заменик е таму каде што е и додека овие луѓе ја водат Владата“.
Според Мицкоски, јасно е дека модуларната болница немала дозвола, а е пуштена во употреба и овде треба кривична одговорност, 10-тина години затвор за тие што го дозволиле тоа да се случи.
-Мицкоски да дојде, премиер да биде? Не размислувам за оставка, а премиер или заменик премиер ќе биде претседателот на Алијанса кога ќе заслужи, кога ќе биде тука да даде идеи, да понуди решенија, не грозотијата да ја користи на најперфиден начин и тоа за време на трите денови на жалост, се од пуста желба за власт, да се победи. Се додека вака се однесуваат ќе губат на избори. Другата алетрнатива е ова: заедништвото, инвестициите, повисоките плати, придонес во БДП, рече вчера премиерот Заев во врска со критиките од Мицкоски, но и барањето на лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села за негова оставка.
Тој уште еднаш повтори дека трагедијата во Тетово ги погоди сите и ќе ја памтиме цел живот.
-Изгубивме животи. Да ги причекаме форензичите извештаи. Злоуптребувањето на болката низ која минува цел народ е чисто политиканство, нагласи премиерот.
Мицкоски е дециден дека виновниците мора да сносат одговорност, функционална или морална.
-Тажно е и жално кога човек ќе се поистовети со функција и кога себеси ќе се интерпретира како „функцијата – тоа сум јас“, особено во услови кога невини човечки животи згаснаа. Доколку тој човек не чувствува ни малку морална одговорност и тоа се обидува да го интерпретира дека ако тој замине, а Мицкоски ќе бил премиер, тогаш навистина освен она чувство на гадење кое во овој момент го имам, друго немам што да кажам, коментираше Мицкоски за изјавата на Заев.
Она што ВМРО-ДПМНЕ може да го вети и на кое може да се обврзе, рече, е дека работата порано или подоцна ќе се истурка до крај.
-За каква истрага зборуваме? Имаме објект кој без дозвола е пуштен во употреба. Немаме инсталации за противпожарна заштита. Виновниците за ова мора да сносат одговорност, без разлика дали е таа функционална или морална. Во Македонија пречесто се случуваат пожари, пречесто се случуваат порази кои сега чинат и човечки животи. Ако сега не се сноси одговорност, ако нема вина и оставки барем од тие кои се надлежни и ресорни во овој случај, а тоа е министерот за здравство, ако немаме независна истрага ако немаме истрага која ќе даде одговор на многу прашања кои јавно ги поставив, а тоа е како може објектот да нема противпожарна заштита, зошто нема мерење на кислородот, како може да нема дозвола за употреба, а објектот да биде во употреба и уште многу прашања кои ги поставив а за кои нема одговор, напомена Мицкоски.
Трагедијата во Тетово се случи на 8 септември годинава. Починаа 14 лица сместени во модуларната болница. Во тек е истрагата што се спроведува со поддршка на германски експерти. Тимот веќе пристигна и од вчера е на терен.