За нас, пристапот на Западен Балкан во ЕУ не е прашање на дебата, туку прашање на време и треба да го сториме тоа, треба да го сториме тоа колку е можно побргу и треба да ги вклучиме гласовите на луѓето од Западен Балкан во дијалогот за нашата заедничка иднина, порача алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитадис Варвициотис по конференцијата во Солун за регионот на која беше домаќин, јави дописничката на МИА од Атина.
По дискусијата со неговите колеги од шесте балкански земји меѓу кои и Северна Македонија, за време на конференцијата „Западниот Балкан учествува во дијалогот за иднината на Европа“, Варвициотис ја повтори посветеноста на Грција за ЕУ перспективата на регионот, рече дека секогаш на ум го имаат солунскиот процес од 2003 година за да се финализира „географското единство на Европската Унија“.
Тој истакна дека ЕУ секогаш одела напред со проширувања во минатото и додаде дека Ковид-19 беше предизвик за просперитетот на заедничка иднина, а го спомена и формираниот Фонд за закрепнување во кој е вклучен и регионот.
– ЕУ е процес кој не завршува никогаш за повеќе Европа, за повеќе единство, за повеќе заеднички акции, за повеќе предизвици, рече Варвициотис, на заедничката прес конференција во Солун, на крајот од неговото обраќање.