Финансискиот систем во добра состојба, банките ја потврдија отпорноста на шоковите

Финансискиот систем е во добра состојба и е подготвен да им одговори и на идните предизвици. Меѓусекторската поврзаност на институционалните сегменти на системот и можноста за прелевање на ризиците од еден во друг сегмент се на ниско ниво. Исклучително важно за македонската економија е што сите расположливи показатели покажуваат дека секој од институционалните сегменти на домашниот финансиски сектор добро се справува со ризиците од пандемијата. Клучно е што банкарскиот систем соодветно им одговори на предизвиците од кризата и ја потврди својата отпорност на шоковите, имајќи предвид дека од неговата стабилност е условена стабилноста на севкупниот финансиски систем.

Ова се дел од заклучоците од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто беше презентиран Извештајот за финансиската стабилност во 2020 година, неодамна усвоен од Советот на Народната банка. Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.

Осврнувајќи се на показателите за банкарскиот систем, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи и дека заради подетална оцена на ризиците и на подготвеноста на банкарскиот сектор за справување со шокови во специфични услови на пандемија, Народната банка ја прошири рамката за стрес-тестирање на системот.

-Покрај редовниот макрострес-тест, за првпат спроведовме и сеопфатно и конзистентно, индивидуално стрес-тестирање за секоја банка. Резултатите од стрес-тестирањето, според двата пристапа, покажаа дека заштитните слоеви на капиталот, што ги изгради банкарскиот систем во претходниот период, обезбедуваат соодветна заштита од ризиците и овозможуваат натамошен раст на кредитната поддршка, и тоа и за домаќинствата и за корпоративниот сектор, истакна гувернерката.

Таа напомена дека од голема важност е што и покрај предизвиците од пандемијата, и по завршувањето на одложувањето на наплатата на кредитите, нивото на нефункционалните кредити сѐ уште е ниско.

На седницата беше посочено дека Министерството за финансии постојано ги следи состојбите во сегментот од финансискиот систем за кој е надлежно, односно финансиските друштва и друштвата за лизинг. Имено, минатата година овој сектор беше погоден од пандемијата на ковид-19, но од почетокот на годинава покажува закрепнување и позитивни резултати, како преку зголемување на бројот на друштвата коишто работат на пазарот, така и во финансиските пласмани.

-Зајакнувањето на пазарната позиција од страна на финансиските друштва во изминатиов период е дополнителен импулс за посериозно размислување за регулаторните барања и стандарди коишто треба да ги исполнуваат финансиските друштва. Од оваа причина, Министерството за финансии ја разгледува можноста за зајакнување на регулаторната рамка за работење на финансиските друштва на пазарот во Република Северна Македонија, со цел да се нагласи нивната сериозност и пристап во работата од една страна, како и да се зголеми довербата кај населението и компаниите во овие финансиски институции,  истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Тој додаде дека ова е потребно затоа што финансиските друштва треба да се гледаат како сериозни финансиски институции коишто нудат алтернатива на банкарското работење, а не само како друштва коишто му нудат краткорочни кредити на населението.

КХВ продолжува доследно, како и во изминатиот период, внимателно да ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција којашто првенствено е насочена кон учесниците на пазарот, пазарната инфраструктура, пазарниот амбиент, вклучувајќи ги тука и транспарентноста, доброто корпоративно управување и инвеститорскиот интерес.

-Мисијата на пазарот на капитал и во периодот по избувнувањето на пандемијата на ковид-19 е насочена кон препознавање позитивни идеи и проекти, коишто го зајакнуваат работењето на берзата и фондовите, па оттука ги мотивираме акционерските друштва, но и сите други субјекти коишто имаат силен потенцијал за напредок да инвестираат во иновации и во развој преку пазарот, бидејќи само позитивните трендови можат да придонесат за уште подобри економски параметри, рече претседателката на КХВ, Нора Алити.

Пазарот на капитал забележува стабилност, од сите негови аспекти, којашто е постојана и очигледна, што, пак, е резултат на активностите на КХВ. Поаѓајќи од сублиматот на остварувањата на пазарот на хартии од вредност, во годината којашто беше исклучително неизвесна за сите, се забележува напредок во одредени сегменти, што е наведено и во Извештајот за финансиската стабилност во 2020 година.

Како што беше истакнато на седницата, дури и во услови на криза со нови предизвици, Комисијата успева да делува засилено, како проактивен регулатор и да гради поотпорен пазар на капитал.

Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека глобалната здравствена и економска криза краткотрајно ги измести трендовите на нагорно движење на параметрите на задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, така што се забележаа надолни поместувања на крајот на првиот квартал од 2020 година, но пензиските фондови за релативно кратко време ја вратија и ја надминаа намалената вредност на средствата.

-Сепак, имајќи предвид дека пензиските фондови се долгорочни инвеститори, значајно е тие да се ценат на подолг рок. Во седумгодишниот период 2014 – 2020 година, остварениот просечен принос на годишна основа е во рамките на стратегиски предвиденото ниво, истакна Али.

-Конзервативните политики на друштвата за осигурување и регулативата за вршење на дејноста осигурување којашто се однесува на вреднувањето на техничките резерви и вложувањата на средствата коишто ги покриваат техничките резерви, како и високиот квалитет на инструменти коишто се вклучени во пресметката на капиталот на друштвата за осигурување, се добра основа и гаранција за зачувување на солвентноста во работењето на друштвата за осигурување. Во првата половина од 2021 година е забележан раст на осигурувањата во двете групи, неживот и живот. Бројот на друштвата за осигурување не е променет, но се бележи зголемена конкуренција во понудата на осигурителни услуги во двата сегмента, што доведува до значителен раст на расходната страна, односно раст на исплатите на штети и на оперативните трошоци од работењето, што придонесува за намалување на пазарната концентрација, но и за влошување на финансиските резултати во првата половина од годината, посочи, меѓу другото, претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски.

На седницата беше истакнато и дека е исклучително важно што и покрај изразените влијанија на пандемијата, ризиците поврзани со секторот „домаќинства“ се во контролирани рамки, при што задолженоста на домаќинствата и натаму е умерена. Притоа, важно е што домаќинствата ја задржаа способноста за редовно намирување на долгот, што придонесе за одржување на квалитетот на кредитното портфолио на банките. Задолженостa на корпоративниот сектор умерено се зголеми во 2021 година, но таа и натаму е во умерени рамки. Всушност, корпоративниот сектор и во време на пандемија го зголеми капиталот што придонесе за раст на должничкото финансирање, без да се зголеми нивото на задолженост изразено како сооднос помеѓу долгот и капиталот (финансиски левериџ). Имајќи предвид дека пандемијата е главниот извор на ризици за корпоративниот сектор и во следниот период, на седницата беше нагласено дека ризиците се поизразени за субјектите со повисоко ниво на задолженост и оние коишто нема да успеат да го приспособат работењето на условите што ги наметна пандемијата.

Согледувајќи ги податоците за сите институционални сегменти на финансискиот систем, беше заклучено дека тој е подготвен да им одговори и на идните предизвици. Во тој контекст, поаѓајќи од фактот дека сѐ уште постои неизвесност во врска со текот на пандемијата и можните натамошни ефекти врз економиите, се очекува дека сите финансиски институции и натаму ќе се однесуваат претпазливо и ќе одржуваат соодветни нивоа на капитализираност и ликвидност.

Поткомитетите во рамките на Комитетот за финансиска стабилност редовно ги следат состојбите, со што координираноста на финансиските регулатори е постојана.