Промовирана поштенска марка по повод 30 години од независноста на Република Северна Македонија

По повод 30 години од независноста на Република Северна Македонија, А.Д. „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје издаде пригодна поштенска марка, која денеска беше промовирана во главната шалтер сала на Дирекцијата на Поштата.

На настанот се обрати премиерот Зоран Заев кој посочи дека поштенската марка е издадена според програмата одобрена од Владата и е дел од годишната програма за издавање поштенски марки на поштата.

– Верувам дека оваа поштенска марка која го отсликува нашиот голем тридецениски јубилеј ќе наиде соодветно место во колекциите на филателистите и понатаму со патување во светот преку писмата ќе биде најдобра промоција на нашата земја и ќе привлекува уште повеќе туристи кои ќе се заинтересираат да ја посетат Република Северна Македонија и да го запознаат нашиот народ, рече Заев.

Оваа црвена пригодна поштенска марка, додаде премиерот, ќе биде украс на писмата и понатаму ќе биде историски сведок на времето кога граѓаните на тогашна Република Македонија донесоа историска одлука и гласаа „за“ независноста и „за“ суверенитетот.

– Пригодната марка промовирана денеска ќе остане своевиден доказ за храбрата и одлучна верба на нашиот народ дека е способен да создаде и да живее во независна, просперитетна и перспективна своја држава и еве не. 30 години подоцна продлжуваме да ја градиме Република Северна Македонија која е меѓународно призната држава со европски манири, опкружена со пријатели, со лидерите во соседството со кој се среќаваме соработуваме со цел обезбедување стабилна економска иднина за сите граѓани во регионот, истакна Заев.

Директорот на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“ Јани Макрадули нагласи дека е привилегија да се биде дел од промоцијата на оваа поштенска марка во чест на одлука на референдум за која гласале.

– Решително влеговме во промени и во суштината на нашата работа. Стануваме отворени и конкурентни, а во исто време, ги користиме и новите можности кои ни ги нуди развојот на технологијата. За само неколку месеци, со консензуални одлуки, воведовме нови, висококвалитетни услуги, како и најевтини и најдостапни услуги од електронската трговија. Бележиме и позитивни придвижувања, како што е зголемувањето на приходите од поштенските услуги, во првото шестмесечје. Секако можеме и мораме подобро, рече Макрадули.

АД Пошта, како што посочи, почетокот на независноста го одбележа со пригодна поштенска марка, од која „симболички ечеа зурли и тапани“.

– Денес, ја промовираме поштенската марка, издадена во 6.000 примероци, со номиналната вредност од 72 денари. (секако замолувам, деновиве да ја користиме повеќе оваа поштенска марка), на која е стилизирано знамето на нашата држава. Ве уверам дека нема посоодветен објект, од овој простор за одбележување, каде знамето е мотив. Зошто ако погледнеме нагоре, ќе го видиме нашето знаме изградено и вклопено во објект уште од 1974 година. Визија за која човек може да остане само нем, воодушевен гледач, истакна Макрадули.