Врвни странски слависти на 48. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ

Седумдесетина македонисти, слависти и балканисти од земјата и од странство ќе учествуваат на 48. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), што денеска и утре ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид и виртуелно.

Најавено е учество на истражувачи од САД, Русија, Јапонија, Франција, Полска, Словенија, Хрватска и  Србија, како и од нашата земја. Најголемиот дел од нив ќе ги изложат своите истражувања на носечката тема на Конференцијата – „100 години од раѓањето на Блаже Конески – стожер на македонскиот јазик, литература и култура“. Оттука, годинешното издание на традиционалната конференција на МСМЈЛК при УКИМ е и еден од најголемите научни собири посветени на великанот Конески во рамките на досегашното одбележување на стогодишнината од неговото раѓање.

Свеченото отворање на Конференцијата ќе се одржи утре, со почеток во 10 часот. Поздравни говори ќе одржат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на МСМЈЛК при УКИМ и проф. д-р Станислава-Сташа Тофовска, којашто е и координаторка на лингвистичката секција на Конференцијата. Во рамките на свеченото отворање ќе биде промовиран и зборникот од минатогодишното издание на конференцијата, при што промотивна реч ќе одржи директорката на Институтот за македонска литература, проф. д-р Наташа Аврамовска. По отворањето, паралелно ќе се одвива работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура, и тоа во текот на првиот работен ден со физичко присуство во Конгресниот центар на УКИМ, а во текот на вториот работен ден, виртуелно.

Особено радува што меѓу учесниците на Конференцијата коишто ќе претстават свои истражувања за делото на Конески се и врвни странски слависти. Меѓу другите, за првпат на конференција организирана од МСМЈЛК при УКИМ ќе учествува и истакнатиот јапонски славист, проф. д-р Мотоки Номачи, којшто пред неколку години ја најде првата современа Граматика на македонскиот јазик – нарачана од президиумот на АСНОМ, а напишана во 1947 година од рускиот професор, Самуил Борисович Бернштејн, но необјавена заради влошените советско-југословенски односи, по што седумдесет години се сметаше за исчезната.

На конференцијата, тој ќе говори за интеракцијата меѓу Конески и Берштајн, преку исчитување и анализа токму на новопронајдени, архивски материјали. Учесничка на Конференцијата ќе биде и проф. д-р Ирена Савицка, којашто е едно од најголемите имиња на полската лингвистика и е соавтор на „Фонологија на македонскиот стандарден јазик“.  Како соавтор на реферат, на Конференцијата ќе учествува и проф. д-р  Грејс Филдер, којашто е еден од најистакнатите балканисти од САД – познавач особено на историјата и културата, како и проф. д-р Елена Вержникова од Московскиот државен универзитет „Ломоносов“. Тие се само дел од значајните научни имиња коишто се дел од лингвистичката секција на Конференцијата.

Во секцијата за литература и култура пак, меѓу другите, од Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ ќе учествува академик Ала Шешкен, којашто претходно учествуваше и на 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а беше промовирана и нејзината најнова книга за македонската книжевност. Исто така ќе учествува и академик Златко Крамариќ од Филозофскиот факул­тет на Универзитетот „Јосип Јурај Штросмаер“ во Осиек, којшто е еден од најпосветените истражувачи на македонската култура во Хрватска.

Меѓу поистакнатите учесници од странство, во оваа секција ќе учествува и проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет во Љубљана, којашто веќе повеќе години покрај тоа што е исклучителен истражувач на македонската книжевност, како универзитетски професор и преведувач е еден од најголемите афирматори на македонската култура во Словенија. Координатор на секцијата за литература и култура е проф. д-р Трајче Стамески.

Од Конференцијата ќе биде објавен и зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации за делото на Конески, коишто ќе произлезат од активностите оваа година, по повод стогодишнината од неговото раѓање.

Меѓународната научна конференција е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.