Прашањето на имплементација на Преспанскиот договор е жив процес во кој е важно дали има политичка волја. Тоа што денеска го констатиравме двајцата министри е дека силно веруваме во тој договор, силно веруваме во перспективата на нашето пријателство, на нашето стратешко партнерство. Силно веруваме во економските потенцијали, во соработката на сите можни сектори, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи по средбата со неговиот грчки колега Никос Дендиас, кој е во официјална посета на земјава.
Во однос на имплементација на Договорот од Преспа од грчка страна, меморандумите и заедничката комисија за образовни прашања, Османи рече дека Преспанскиот договор е договор што е во основа на нашите билатерални односи, на новата регионална архитектира и тоа е неповратен процес. Тоа, вели Османи, е во интерес на нашата држава и ја гарантира перспективата на државата, на нашите билатерални односи и никој нема да дозволи да се загрози Преспанскиот договор.
– Прашањата што ги покренавме во однос на ратификација на одредени договори и меморандуми во грчкиот Парламент ги отворив и јас на средбата и прашањето на сообраќајните знаци во Грција и разговаравме по однос на техничките причини за неисполнување на тие прашања во грчкиот Парламент и договоривме начин како тоа ќе се направи во наредниот период. Во однос на таблите објаснувањето е дека локалните власти се тие што не покажуваат ентузијазам, меѓутоа и по однос на тоа прашање разговаравме пошироко и мслам дека во наредниот период ќе има решение и за тоа, посочи Османи.
Министерот рече дека грчката страна ги исполнила најважните нивни обврски во однос на Преспанскиот договор, а тоа е поддршката за членство на С Македонија во НАТО и подрршката за почеток на преговорите за ЕУ.
– Тоа беа двете суштински обврски за Грција по однос на Преспанскиот договор. Прашањата на меморандумите се прашања на секторската соработка, прашања на постигнување на стрататешкото партнерство, тоа е жива материја, има многу договори што треба да се потпишуваат, на пример кај нас Договоорот за двојно оданочување, рече Османи.
Министерот рече дека интензивно се следи имплементацијата на Преспанскиот договор, обврските кои произлегуваат од градењето на стратешкото партнерство во секторската соработка, меѓутоа и обврските што произлегуваат од членот 8 од Договорот, а тоа е имплементација на промена на името. Тоа следење, рече Османи, се случува на неделна основа преку Акциски план во којшто се имплементираат конкретните обврски од двете страни.
Министерот информира дека она што последно е направено од имплементацијата на тој Акциски план е адаптација на името на Археолошкиот музеј каде што, рече тој, поради логистичко-технички причини не можеше досега да се направи, но, вели, направиле напори да се направи соодветната адаптација. Во однос на промената на улиците, рече Османи, тоа е одлука на Советот на Град Скопје, при што улицата каде што се наоѓа МНР е сменета од „Филип Втори“ во „Стив Наумов“, меѓутоа, додаде, таа одлука не може да се имплементира пред локалните избори, затоа не е ставена нова ознака со новото име.
Министерот подвлече дека по оваа средба, односите со Грција ќе бидат уште посилни. На состанокот, информира Османи, станало збор и за брзиот меѓуграничен железнички транспорт, а се зборувало и за отворањето на новиот граничен премин Маркова Нога.