Владата започна кампања за што помасовно вакцинирање на граѓаните „Вакцинирај се“ што ќе трае во наредите неколку месеци. Целта е да се спречи губењето нови човечки животи, да се врати животот повторно во нормала, како и спречување на дезинформациите и на сите лажни митови за вакцините што се шират во јавноста.
На промоцијата на кампањата премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче уште еднаш апелираа дека вакцините се безбедни, ефикасни и претставуваат единствен начин за надминување на пандемијата, за спас од тешките форми на Ковид-19 и од смртен исход.
-Секој глас за вакцина е глас за спас на живот. Затоа апелирам, да ја прифатиме пораката на кампањата „Вакцинирај се“. Да се вакцинираме за да се собираме повторно заедно, за да се вратиме на нормалниот живот. Сите да направиме чекор кон таа цел. Да го поттикнеме трендот на вакцинацијата, да ги охрабриме граѓаните, да ги видиме повторно широките насмевки на лицата, без маски, да ги вратиме прегртаките, за тоа ја лансиравме кампањата, а повикот е јасен, вакцинирај се. Вакцинирај се за да се вратат и артистите на сцените, за да се врати публиката на спортските арени, истакна Заев.
Имунизацијата се зголемува, тече непречено на сите пунктови, но, според властите, се уште обемот на опфатот не е доволен.
Заев и Филипче подвлекоа дека вакцините се безбедни и тоа мора да го знаат сите граѓани. Достапни се од сите производители, а количествата постојано се надополнуваат со нови пратки.
-Обврска на државата е да го штити јавното здравје и да носи мерки, а вакцинацијата е единствен начин за враќање на животот во нова нормалност. Граѓаните мора да ги имаат точните, стручни информации за вакцините. Се наоѓаме во критична фаза поради муатациите на вирусот и новиот бран, но и поради антиваксерското информирање. Фактот дека најголем процент од заразените се невакцинирани, е единствена потврда за ефикасноста на вакцините. Тие се и безбедни. Според динамиката со која бројот се зголемува, пред нас е период кога ситуацијата може да е критична, посебно во средините каде најмалку има вакцинирани, рече Заев и дополни дека новите мерки даваат ефект, а во земјава е надминат бројот од 1,160 милиони аплицирани вакцини.
И Филипче, кој посебно апелира до младите да се вакцинираат, истакна дека вакцината во моментов е најсилното оружје за борбра со вирусот, а сите вацини се безбедни и драстично го намалуваат ризикот од тешка форма на болеста и од смртен исход.
Министерот исто така кажа и дека нема дилема дека антителата што се создаваат кај пациентите по прележниот вирус штитат одреден период, но имунитетот стекнат од вакцината е многу подолготраен и поефикасен.
Според проследните проценки, како што посочи, за да се постигне колективен имунитет потребно е да биде вакцинирано околу 80 проценти од населението.