Активни 1.994 ковид случаи – најмногу во Скопје и Тетово, надлежните апелираат невакцинираните да се вакцинираат

Во очекување на стапувањето во сила на новите рестриктивни мерки кон средината на месецов, бројот на заболени од Ковид-19 секојдневно расте. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје при направени 6.383 тестирања, регистрирани се 398 нови случаи со Ковид-19, 18 оздравени пациенти и четворица починати. Со ова вкупниот број активни случаи достигна 1.994 од кои најголем број има во Скопје 603 и во Тетово 572, а потоа следат Гостивар со 221, Куманово со 145, Кичево со 73, Струмица со 59, Битола со 57, Дебар со 46, Охрид со 40.

Одлуката за воведувањето на новите рестриктивни мерки ја донесе Владата на завчерашната седница со цел да се спречи ширењето на новиот делта сој на коронавирусот и забрзано да не се полнат болниците низ земјава.

– Воведувањето на рестриктивните мерки од 15 август се важни за на 1 септември децата да почнат на училиште, да имаме успешен попис, да завршат локалните изборите како што треба, истакна вчера премиерот Зоран Заев.

Тој нагласи дека на угостителските објекти им е оставен простор од осум дена да се реорганизираат, бидејќи сега е период на организирање свадби и веселби со доаѓањето на печалбарите во земјава.

– Значи прослави по 15-ти на затворено нема. Во сите угостителски објекти, театри, концерти, одредени културни настани, семинари или било што ќе може да присуствуваат граѓани, кои што имаат потврда за примена најмалку една доза вакцина. Јасно е дека со тоа е испратено пораката за вакцинација и ги поттикнуваме граѓаните да се вакцинираат. Зошто? Заради тоа што тоа е единствениот лек и начин да се избориме со оваа пандемија, посочи Заев.

Премиерот потенцира дека ограничување на движење, односно полициски час нема да има, но секој кој не е вакциниран нема да може да оди во кафетерија, театар, концерт или друг настан. Заев забележа дека на тој начин државата се грижи за колективното здравје на граѓаните, а ќе се применуваат мерки, кои веќе важат во европските земји.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека овие мерки се предлагаат сосема навремено и дека најавувале повеќе месеци наназад дека ќе ги воведат и го чекале моментов кога за тоа е соодветно.

Тој дополни дека епидемиолошките анкети укажуваат дека огромен број, односно повеќе од половина од новохоспитализираните пациенти присуствувале на прослави и забави.

– Прво, да се забранат сите настани и прослави во затворен простор, по 15 август и од 15 односно 16 август да биде задолжително прикажување на доказ потврда дека граѓанинот е вакциниран со најмалку една доза на вакцина при влез во сите затворени и отворени објекти каде што има настани, прослави, семинари, истакна Филипче и додаде дека со тоа сакаат да постигнат неколку работи, помеѓу кои и да се зголеми опфатот на вакцинација, со цел да не бидат приморани понатаму да воведуваат уште порестриктивни мерки, а животните процеси да продолжат како изминатиот период.

Во есенските месеци, како што нагласи, се очекува ризик факторите да се зголемат, поради тоа што поголема бројка ќе биде назад на работните места и ќе се организираат повеќе настани на затворено. Потсети дека има сосем доволно количини на вакцини и апелираше до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи тоа е единствениот механизам за постигнување колективен имунитет.

Филипче изјави дека имале координативна средба со директорите на повеќе клиники и болницата во Тетово и детската болница Козле во Скопје, на која размениле информации во делот на приливот на пациенти во амбулантите и пациенти за хоспитализација, со цел да навремено се преземат сите чекори и работи кои што треба да се направат заради тоа што очигледно сме на почеток на еден нов бран.

Како што кажа Филипче, трендот на зголемување на бројот на заболени се реперкуира и во болниците, меѓутоа не насекаде исто.

– Во моментов Тетово е најкритичниот град, каде што има голем број на приеми на инфективното одделение и во модуларната болница, некаде околу 45 пациенти се веќе хоспитализирани во изминатите неколку денови. Освен тоа, бројките на новодијагностицирани се високи и во Скопје и во Гостивар, а од вчера и во неколку градови во државава, имаме и во Куманово, во Кичево, во Кавадарци во Струмица, меѓутоа во овие градови нема никаков притисок во болниците и во делот на амбулантските прегледи и во делот на хоспитализација на тие што треба да се примат на болничко лекување, посочи Филипче.

Тој информираше дека е договорено сите пациенти кои имаат потреба да се лекуваат болнички од болницата во Тетово да се праќаат во Скопје, затоа штo ќе се отвори вториот кат на Инфективната клиника.

Филипче потенцираше дека од вкупниот број на примени пациенти во болница кој што е некаде околу 150, значајно е зголемен во изминатите седум дена, а под 10 проценти се пациенти кои што се целосно вакцинирани и тоа се пациенти кои што се во релативно добра здравствена состојба во смисла на тоа да не се критични.

Во однос на вакцините, министерот спомена дека делта сојот е сој што е очигледно доминантен и пообрзо се шири, меѓутоа сè уште не е истражено дали истиот дава потешка слика на Ковид-19.

– Вакцината е ефикасна за сите соеви на вирусите. Нешто помалку за делта сојот, бидејќи е развивана за алфа сојот, меѓутоа, сосем доволно, 70-80 проценти да заштити од болест и тоа што е најважно, без разлика која вакцина, за 20 пати го намалува ризикот од смрт од Ковид-19, предизвикан од делта сојот на коронавирус, рече Филипче.

Тој апелираше до раководителите на сите институции и државни и приватни да ги мотивираат своите вработени, посебно тие институции кои работат со голем број луѓе тие вработени да се вакцинираат.

Во врска со опфатот со вакцинацијата на наставниците, истакна дека засега е околу 60 проценти.

– Имаме секојдневна комуникација со Министерството за образование и наука кое често ги комуницира директорите на училиштатата за да тие ги мобилизираат своите вработени. Ќе видиме каков ќе биде одговорот до крајот на оваа недела. Ако продолжи со оваа динамика верувам дека висок процент на вработените и во МОН во делот на училиштата и во градинките ќе бидат опфатени со вакцинацијата. Во двата сектори сега е околу 60 проценти, додаде Филипче.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Хриситијан Мицкоски оцени дека ова се квази мерки кои што не само што нема да го заштитат здравјето на граѓаните, туку и дополнително ќе направат поделби меѓу граѓаните.

Да, ги слушнав и не можам уште да се изначудам, навистина тоа потсетува на едни минати времиња пред 40 и 50 години кои што светот ги памети а не само Македонија, бидејќи ваков начин на поделба на граѓаните е незапаметен во модерното човечштво. Апсолутно ги отфрлам овие мерки кои што се таканаречени квази мерки кои што, не само што немаат цел да го заштитат здравјето на граѓаните, туку дополнително да воведат поделба меѓу македонските граѓани. Овие мерки имаат единствена задача, практично да воведат една таканаречена вештачка непримерна контрола, ќе го уништат оној бизнис кој што колку толку започна да функционира, ќе донесат еден вид фрустрација кај граѓаните, посебно оние кои што имаат уставно загарантирано право да изберат дали да се вакцинираат или да не се вакцинираат иако јас лично сум би рекол за имунизација по пат на вакцинацинирање, вели Мицкоски.

По ваквата изјава министерот Филипче се огласи со објава на Фејсбук во која нагласи дека јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насоки. – Тие не го „делат народот“ како што изненадувачки изјави лидерот на опозицијата, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем, наведе Филипче, посочувајќи дека овие мерки се применуваат во многу држави и веќе даваат резултат.

– Забраната за движење во шуми не го дели народот на планинари и оние кои не планинарат, тоа е заштита од пожари. Условот за запишување во училишта на децата со примена вакцина не е поделба на децата, туку нивна заштита од болести и епидемии. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните, потенцира Филипче

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 158.025 бројот на оздравени пациенти е 150.524, а на починати е 5.507.