Пораки за обединување од прославите на Илинден во Скопје, Пелинце и Крушево, одбележувањето на празникот во сенка на пожарите

Пораки за обединување беа упатени вчера од прославите организирани во Скопје, Пелинце и Крушево по повод одбележувањето на 2 Август Илинден – Денот на Републиката. Со Илинденското востание и Крушевската Република во 1903, а потоа и на вториот Илинден во 1944 година со Првото заседание на АСНОМ беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.

Прославата беше засенета од повеќето пожари кои попладнето избувнаа на неколку локации во земјава, а особено од пожарот во Кочани кој што се приближи до населбите во градот и оштети неколку куќи. Гаснењето на огнот во кое се вклучија и противпожарни единици од повеќе градови од земјава беше отежнато од силниот ветер и многу топлото време, но сепак до вечерните часови огнената стихија беше ставена под контрола и локализирана. По наредба на шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски прогласена е и тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди.

По повод Илинден, претседателот Пендаровски вчера беше во Крушево, каде првпат промовираше нов концепт на одбележување на националниот празник без вообичаениот говор на Мечкин Камен, туку со кусо видео-обраќање по повод Денот на Републиката и со заедничка прослава на која освен претставници на државниот врв, беа поканети и сите парламентарни партии и која требаше да симболизра обединување. На прославата првпат присуствуваше лидерот на ДУИ Али Ахмети, додека претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја одби поканата за присуство.

Премиерот Зоран Заев претходно присуствуваше на одбележувањето на празникот во Пелинце, од каде порача дека континуитетот на дефинирањето на македонската држава продолжи да се гради на вредностите и принципите утврдени на двата Илиндена – 1903 и АСНОМ 1944, а третиот Илинден е нашиот стремеж кој го живееме денес и го носиме неговиот пламен во иднината, каде што припаѓаме.

Во видеообраќањето по повод националниот празник 2 Август – Илинден шефот на дипломатијата Бујар Османи порача дека во современиот контекст, ова е празник кој создава мостови и за внатрешно и надворешно поврзување. Онака како што преку Охридскиот рамковен договор ја зацврстивме внатрешната интеграција, онака како што преку договорот од Преспа ги надминавме разликите со нашиот сосед Грција, вели Османи, така и преку имплементација на Договорот за пријателство ќе ги надминеме и разликите со нашиот сосед Бугарија.