СДСМ и ДУИ договорија соработка за локалните избори

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев на Фејсбук објави дека на попладневната средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети се договориле двете партии да соработуваа на есенските локални избори, со меѓусебна поддршка во некои општини уште во првиот, а во други во вториот круг.

– Имав одличен состанок со коалицискиот партнер и претседател на ДУИ, Али Ахмети. Се договоривме дека СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на претстојните локални избори, напиша Заев во објавата на Фејсбук.

Премиерот потенцира дека заедничка цел на СДСМ и ДУИ е во предизборната соработка да се вклучат што е можно повеќе партии од владината коалиција.

– Во тек се постапките за избор на најдобрите кандидати – тоа ќе бидат личности кои умеат и кои се подготвени да го дадат најдобриот резултат за граѓаните во секој град, во секое село, во секоја населба. Согласни сме дека институциите имаат и обврска и капацитет да испорачаат целосно демократски, професионални и фер локални избори, додава Заев во објавата.