Амбасадорот Марковски во посета на Елбасан

Македонскиот амбасадор Данчо Марковски денеска беше во посета на градот Елбасан, каде се сретна со градоначалникот Гледиан Латја, а заедно го посетија и познатиот манастир”Свети Јован Владимир”.

Посетата е во рамки на програмските активности на Амбасадата на Северна Македонија во Тирана за поттикнување на регионалната и локалната соработка помеѓу двете земји.

На работната средба со градоначалникот Латја, беше истакната досегашната добра соработка на градот Елбасан со три македонски општини, Кичево, Тетово и Чаир како и заинтересираноста за воспоставување контакти и со други општини во Северна Македонија.

Во разговорот беа разгледани темите за економско поврзување, при што беше договорено во блиска иднина да се одржи и Б2Б настан во Елбасан со учество на македонски и албански компании.

Акцент беше ставен и на културната соработка, како и туристичката понуда, конкретно заеднички настап на туристичките асоцијации, со понуда за посета на црковни и манастирски објекти со историско значење.

Градоначалникот на Елбасан Латја замоли за поддршка од Амбасадата околу воспоставување комуникација со Општината Крушево, со цел прибирање искуства за организирање на палаглајдерски спортски натпреварувања.

Абасадорот Марковски заедно со својот домаќин го посетија и познатиот манастир “Свети Јован Владимир”.