Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за инфраструктура, градежништво и сообраќај на Република Србија Томислав Момировиќ, денеска на ГП Табановце поделија бесплатни М-картички за патарина за граѓаните на Србија. Досега, Министерството за внатрешни работи поделило над 41.000 картички. Мерката се спроведува со одлука на Владата од 15 јуни како знак на благодарност на државата до Србија за донираните вакцини против Ковид 19. Двајцата министри кажаа дека заедничките мерки и одлуки само го потврдуваат пријателскиот однос помеѓу двете земји.
Овој процес продолжува и понатаму, уверен сум дека овој чин на благодарност е прифатен и веруваме дека праксата на добрососедство и во најтешките моменти ќе продолжи обострано да се реализира, изјави министерот.
Неговиот колега Момировиќ, рече дека Србија придава огромно значење во односите со Северна Македонија и ги нагласи добрососедските односи, заедничката историја и блиските односи меѓу граѓаните.
-Ова особено беше видливо за време на светската пандемија кога Србија покажа подготвеност храбро да застане за своите соседи, така ќе биде и во иднина. Во знак на благодарност Владата на Северна Македонија одлучи на граѓаните на Србија да им овозможи бесплатно користење на Смарт картички за време на сезоната. Во име на граѓаните на Србија се заблагодарувам на Владата на Северна Македонија, на денешното делење на Смарт картичките, што цело ова лето можеме да ги користиме на нивните патишта. Овој гест ќе даде силен знак на иницијативата на мини шенген, покрената од претседателот Вучиќ, премиерот Заев, сè со цел проширување на заедничкиот економски простор, зголемување на протокот на луѓе и стоки, јакнење на конкурентноста на регионот, рече Момировиќ.
Бочварски се заблагодари за донираните вакцини и ги покани српските туристи да ги посетат центрите. Двајцата министри кажаа дека е исклучително важна регионалната соработка, која придонесува за подобар живот на граѓаните. Бочварски истакна дека во делот на железничката инфраструктура има проект за заедничка железничката станица на Табановце, со кој се предвидува One stop shop, при што на едно место ќе се овозможат царински и гранични постапки заради брз проток на патници и стока. Проектот е подготвен се, очекуваат да се обезбедат дополнителни финансиски средства и да почне реализацијата.
-Морам да спомнам во делот на железничкиот Коридор 10 на наша страна остана уште еден дел за реконструкција со што добиваме брза транспортна врска кон солунското пристаниште. Со министерот ќе разговараме и за можностите за повторно воведување на сообраќај на брзиот патнички воз на релација Белград – Скопје – Солун. Во делот на патниот Коридор 10 и двете земји имаме развиено модерна патна врска. Ја имаме најдобрата и најбрза рута од Северна Европа до Југоисточна Европа и мораме оваа предност на Коридорот 10 да ја искористиме на најдобар можен начин овозможувајќи брз проток на стока и патници на граничните премини преку брзи ленти-рече Бочварски.
Тој најави дека првпат во државата работат и на воведување на интелигентен транспортен систем, комуникациско-информациски системи за контрола и управување на сообраќајот на коридорот, преку кој ќе се овозможат информации за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Министерот рече дека согласно потпишаната Спогодба за превоз на патници и стока во 1996 година двете министерства разменуваат задоволителен број дозволи за двете земји, а превозот на стоки се одвива без дозволи. Бочварски истакна дека е воспоставена и авиолинијата Скопје-Белград. Тој ја потенцираше важноста од развојот на регионот која според него е неопходна за просперитет на земјите и граѓаните.
-Во таа насока Република Северна Македонија останува партнер со соседите во креирање на заеднички политики и мерки за зголемување на регионалната соработка, за олеснување на трговијата и транспортот. Така создаваме нова слика за целиот Балкан. Остануваме уште попосветени и на нашиот пат кон Европската Унија, рече Бочварски.