“Историјата многу често се нарекува запис на победниците“. Поточна дефиниција би можела да биде дека историјата е “запис како победниците сакаат да бидат видени.”Многу влади, во злобен и низок напор да го оправдаат своето однесување, го искривиле минатото со цел тоа да и служи на сегашноста,” пишува Мајкл Димитри /Michael Dimitri/
Ослабено од племенските војни, малото кралство на Македонија било ранливо на надворешни напади. Луѓето кои со илјадници години не знаеле за војна, по четири века војување, станале уморни и плашливи. Нивните долгогодишни роднини, пријатели и сојузници сега им станале непријатели и ги опколиле од сите страни. Премногу слаби за да им се спротивстават со сила, Македонците од X век пред Христа целата своја енергија ја посветиле на дипломатијата.
Во Глава 1, дадовме некои археолошки и лингвистички докази кои упатуваат на идејата дека античките Македонци, вклучувајќи ги и тие од IV век пред Христа, биле од негрчко потекло. Колку и да е спротивно на официјалната историја, овие докази веќе не можат да бидат игнорирани.
Македонците не се осамени во нивната тешка задача правилно да ги постават историските записи. Исто така, има и Словенци, Полјаци, Руси, па дури и Италијанци и Американци кои веруваат дека европскиот континент бил населен од поинакви групи народи отколку оние во кои официјалната историја сака ние да веруваме.
Наша намера е во оваа Глава да дадеме повеќе податоци кои ќе го оспорат полагањето право на Македонија од современите Грци, со тоа што ќе докажеме дека не само што античките Македонци не биле “Грци”, туку и дека тие биле етнички посебен народ од предисториско потекло. Главниот фокус ќе ни биде анализата на факторите и настаните од X век пред Христа па наваму, кои ги создале условите што ја издигнале Македонија од едно племенско кралстово во една супер-сила.
Четиривековните војни не само што донеле умирање и уништување на предисториските племенски кралства, туку и ги изолирале едни од други. Принудени да бараат патишта за тргување на други места, подалеку од нивните традиционални патишта, завојуваните племиња стапиле во контакт со нови и различни народи и станале изложени на нивните влијанија. Со новите истражувања дошле и надворешните влијанија и изложеноста на нови идеи и нова крв.
Племињата што биле најблиску до морето почнале да крстарат по морските патишта, преминувајќи го Медитеранот, а тоа ги донело во контакт со многу понапредни цивилизации отколку што било кога сретнале пред тоа. Освен трговијата, примитивните поморски народи почнале да стекнуваат нови вештини и знаења со кои никогаш пред тоа не биле запознати.
Со време, изолирани едни од други и под влијание на надворешни фактори, завојуваните племиња почнале да се разликуваат етнички и да стекнуваат различни лингвистички и културни карактеристики. Иако можеби споделувале заедничко потекло во минатото, изолацијата и културната еволуција ги направиле посебни и различни едни од други. Племињата најблиску до Средоземното Море, кои биле под влијание на најнапредните цивилизации од Блискиот Исток, еволуирале во демократски градови-држави со посебен јазик и култура. Од друга страна, народите на копно, под влијание на нивните северни соседи стекнале посебни карактерни особини што ќе биде предмет на оваа студија.
Во корист на современата македонска нација, која од политички причини била експлоатирана од Големите сили и нивните сојузници, мојот интерес овде е да покажам дека македонскиот народ кој живее во географска Македонија денес, спротивно на официјалната историја, се потомци на античките и предисториските Македонци. Македонската лоза опстојала и останала нечепната од предисториските времиња па до денес.
Нашите аргументи не имплицираат на расна чистота, туку повеќе на културен и лингвистички континуитет. Многу добро се знае дека многу туѓинци, односно натрапници, извршиле инвазија на Македонија и нема сомнение дека оставиле и многубројни свои траги. Но, и покрај сите нивни обиди да го покорат, македонскиот карактер опстанал низ времето.
Потпомогнато од необработениот и тешкопристапен терен, македонското село станало бастион и спасител на македонскиот јазик и култура. Освојувачите на градовите и на плодните земјишта ретко покажувале интерес за селата кои биле сиромашни, сушни, изолирани и тешкопристапни. Иронично, но етничката сила на Македонија, во бројки, лежи во нејзините села. Секој кој сака да води бизнис во Македонија, мора да ги научи и знае “патиштата на селото”, вклучувајќи го јазикот и културата на селото. Ова е вистината денес, како што била и во времето на Хомер.
Наспроти големите напори на грчките власти во минатиот век да ја искоренат македонската свест во селата, македонскиот јазик и култура опстојале и, со време, повторно ќе цветаат. Зошто луѓето се уште живеат во практично негостољубиви места? Ова е човеково однесување кое и пркоси на логиката. Оние кои се родени во такви места, вклучувајќи го и Ристо Стефов, негуваат необјасанива “длабока љубов” кон нив. И наспроти сите маки и неправди, демонстрираат голем восхит за “нашето парче камен”, но не може и да се даде логично објаснување за тоа.
Нашата поента овде е дека зачувувањето на македонскиот јазик и култура во текот на долгите временски периоди се должи на непопустливата и бескомпромисна природа на македонскиот селанец, чиј начин на живеење во текот на долгите години е врзан за земјата и за старите традиции.
Штом заканата од освојувачот ќе исчезнела, македонскиот јазик и култура како повторно постепено да се ширеле, практично спротивставувајќи се на исчезнувањето. Ова се докажува како точно преку вековната окупација од страна на Грција и петвековното турско ропство. Селата успеале да преживеат бидејќи не претставувале закана и не нуделе големи предности за освојувачите. Да се влијае врз промената на начинот на живеење на селанецот, кој сам се издржува и кој зависи од земјата, за освојувачите било чисто губење време.
Вообичаената историја, освен подвизите на големото македонско царство, нуди многу малку во однос на македонската предисторија. Всушност, Еуген Борза, водечки експерт за историјата на античка Македонија, е првиот кој ќе признае дека не постои синтетизирана идеја за македонската предисторија.
“Секој кој е заинтересиран за предисторискиот период ќе стори добро ако се потсети на коментарот на Геер (Geyer), даден пред речиси половина век, дека ‘времето за македонската предисторија се’ уште не е дојдено’.” (Стр. 283, Еуген Борза, Во сенката на Олимп, Појавувањето на Македон, Њу Џерси, 1990).
Постојат многу историски извори, вклучувајќи ги добро документираните тврдења на Џозеф (Јосиф Грежловски) Гандето дека античките Македонци не биле Грци. За жал, досега не познавам ниеден кој направил било каков обид да објасни кои биле античките Македонци и од каде дошле. Со цел да го објасни потеклото на античките Македонци, ќе треба да се прошири обемот на истражување, а не “само бескрајно да се анализираат Грците”.
Цртеж од античките Македонци
Не треба да постои сомневање во било чиј ум дека мнозинството денешни современи Македонци зборуваат на јазик што претставува варијација на словенскиот јазик, имаат култура која е варијација на старо-словенската култура и практикуваат православна (источно православна) религија. Исто така, не треба да постои сомневање во било чиј ум дека денес Македонија е мултикултурна држава со посебни и единствени обичаи и општествени карактеристики.
Идентитетот, потеклото и времето на доаѓање на малцинствата кои денес живеат во Македонија, може лесно да се пронајдат во настаните од минатото. Петвековното ропство под Турците ги создало турското и албанското малцинство; четиривековната окупација го создала влашкото малцинство, итн.
Што се однесува до идентитетот, потеклото и времето на доаѓање на македонското мнозинство, не постојат едноставни и лесни одговори. Повеќето Македонци, вклучувајќи археолози и лингвисти, денес не им веруваат на одговорите на политички мотивираната вообичаена историја и поради тоа тие се разочарани од објаснувањата што таа ги дава.
“Проучувањето на историјата разви еден силен националистички тренд во втората половина на XIX век. Целта на тоа поле повеќе не беше да се документира развојот на културата и на историјата преку нови и подобрени методи, туку повеќе да се создаде историја која ќе обезбеди културен престиж, па дури и супериорност. Откривањето историски вистини беше од второстепено значење.
Овие идеолошки основи останаа до ден-денес во умовите на многу научници, па дури и цели групи луѓе споделуваат вакви ставови и мислења, како и методи. Повеќето студии за историјата и лингвистиката во Централна Европа обилуваат со вакви националистички ставови, со историчари водени од претходно утврдени цели. Нивна примарна грижа, т.е. интерес, често е да се задржи верувањето дека Словените не се автохтоно население на Централна Европа. Со трагичните настани во регионот (Југославија) од 1990 година, дебатата станува се’ повеќе поларизирана, со мала надеж за вистински напредок во развивањето на една вистинска историја на Централна Европа која не и служи на ниту една агенда.
Продолжува
Пишуваат:
РИСТО СТЕФОВ И
СЛАВЕ КАТИН