Пет романи во третиот круг за „Роман на годината“

„Одбројување“ на Фросина Пармаковска (Или – или), „Земјотрес 05:17“ на Владимир Плавевски (Македоника литера), „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља (Готен), „Диссомнии“ на Игор Станојоски (Антолог) и „Годините кога научив да летам“ на Евгениј Хоуп (Матица македонска) влегоа во трет круг од изборот за наградата „Роман на годината“ за 2017-та, која од оваа година  ќе ја доделува новоформираната Фондација за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

– Станува збор за романи од автори од различни генерации. Еден од нив, Владимир Плавевски, е и еден од лауреатите на истоимената награда која 18 години ја доделуваше лани згаснатиот „Утрински весник“, додека во изминатите години во финале за неа влегуваа и дела на помладите автори: Фросина Пармаковска, Бранко Прља и Игор Станојоски, соопшти Фондацијата „Славко Јаневски“.

Селекцијата ја прави жири со кое претседава Давор Стојановски, писател и минатогодишен лауреат, а членови се Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.

За наградата „Роман на годината“ за 2017 година во официјална конкуренција беа 27 дела, од кои во вториот круг влегоа 11 романи. Најдобриот роман ќе биде избран и јавно соопштен на прес-конференција на 15 март.