Шекеринска – Панајотопулос: Северна Македонија и Грција се искрени и посветени сојузници во НАТО

Довербата меѓу Северна Македонија и Грција од ден на ден сè повеќе расте, заклучија министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот грчки колега Николаос Панајотопулос на денешната работна средба во рамки на Меѓународната изложба за одбрана и безбедност во Грција, на која присуствува делегација од Министерството и Армијата.

– Од нашиот договор за билатерална соработка за 2021 може да се заклучи дека се движиме во позитивен правец. Околу 70 предвидени активности се потврда дека Северна Македонија и Грција отворија поглавје на сојузништво во интерес на двете земји, но и на целиот регион, изјави Шекеринска.

Шекеринска, исто така, посочи дека соработката меѓу двете земји се одвива и во рамки на Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ), чиј домаќин е нашата земја, а во која учествува и Грција од каде во моментов е и командантот на единицата.

Двајцата министри, како што информира Министерството за одбрана, ја потенцирале соработката во рамки на НАТО мисијата air-policing како сигнал за сојузништво и висока доверба меѓу двете држави.

Панајотопулос, се наведува во соопштението, порачал дека Грција е партнер и сојузник на Северна Македонија во одбраната, и дека ќе продолжи да ја поддржува нашата земја и во ЕУ.

На средбата, меѓу другото, било изразено задоволство од придонесот на Северна Македонија во регионалната стабилност и безбедност преку учеството во мисијата КФОР во Косово, а се разговарало и за наша контрибуција во грчкиот корпус на НАТО силите за брзо распоредување и во Балканската борбена група во рамките на ЕУ, HELBROC, предводена од Грција.

Одбранбената соработка меѓу Северна Македонија и Грција, како што информираат од МО, се одвива и преку обуки за падобранство на нашите армиски специјални сили во Грција, при што мината недела заврши дваесетдневната обука на која учествуваа и припадници на воздухопловниот ВИНГ.