Владата на денешната седница донела одлука за законски измени на т.н. закон за стечајци, со кои ќе се овозможи уште 1.100 стечајци, кои имаат најмалку 14 години работен стаж во претпријатија со доминантна државна сопственост, да добијат право на месечен надоместок до вработување или пензионирање. Досега за право на надомест можеа да аплицираат граѓани кои имаа најмалку 15 години работен стаж.
– Досега со неколку законски решенија обезбедивме финансиски надомест за невработени лица чиј работен однос престанал по ликвидација, стечај или технолошки вишок, а работеле во претпријатија со доминантна државна сопственост. Со овие законски решенија обезбедивме месечен надомест од 34 проценти од просечна нето плата за 11.420 граѓани, рече на денешната прес-конференција премиерот Зоран Заев.
Со спроведувањето на претходните законски одредби со кои го олеснивме секојдневието на овие граѓани, додаде премиерот, се вршеше анализа на поднесените барања кои дадоа насоки дека опфатот на лицата кои можат да бидат материјално обезбедени може да биде поголем од досегашниот.
– Се покажа дека голем број од стечајните работници ги исполнуваат условите од прехнодните законски решенија со исклучок на условот од 15 години работен стаж, поради кој не можат да бидат корисници на правото на материјално обезбедување, бидејќи имале 14 години работен стаж, рече Заев додавајќи дека токму поради ова биле изготвени измените што денеска беа усвоени на седница на Влада.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска појасни дека останатите услови остануваат исти како и досега.
– Со новиот Предлог-закон за стечајци го зголемуваме опфатот за дополнителни 1.100 стечајци кои ќе добијат можност да остварат месечен надоместок во износ од 9.242 денари. Правото на материјално обезбедување сега ќе може да се оствари со поминати 14 години работен однос во претпријатијата со доминантна сопственост на државата, наместо досегашниот услов од 15 години работен однос, појасни таа.
Овој предлог закон, додаде таа, е дел од решавањето на прашањето на стечајците кое, како што нагласи, се до формирањето на оваа Влада било игнорирано, а стечајците со години биле лажени и манипулирани
Според неа, со последните измени вкупно 13.000 стечајци ќе добиваат материјален надомест до пензионирање или до вработување.