Процесот на пристапување, доколку се искористи правилно поддржан со политичка волја за промена и трансформација, е најдобрата алатка за реформи и ниту една земја-членка не може да стави вето на тој процес. Предлогот на португалското претседателство е добра основа, но потребна е силна политичка волја и лидерство. За идентитетот и јазикот не се преговара.
Ова го вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервјуто за European Western Balkans, во кое, како што соопшти МНР, тој зборува за предизвиците во процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ, одржувањето на довербата на граѓаните во европската перспектива и реформскиот процес, како и важноста на овие прашања за европската иднина на регионот.
-Европскиот начин на живот за граѓаните може да се овозможи само преку реформи и тоа е единствената одржлива алтернатива за спречување на одливот на мозоци и задржување на младите луѓе. Или ќе го направиме овој регион европски – во однос на образованието, здравството, еднаквите можности, мерит-систем за вработување и унапредување, поголема правда, отчетност, слобода – или нашите граѓани ќе ја напуштат земјата во потрага по европски начин на живот. Процесот на пристапување, доколку се искористи правилно поддржан со политичка волја за промена и трансформација, е најдобрата алатка за реформи и ниту една земја-членка не може да стави вето на тој процес. Мораме да истраеме и да ја одржиме мотивацијата, со високо ниво на амбиција, голем политички фокус и способна администрација, затоа Владата ја усвои Националната програма за усвојување на правото на ЕУ 2021-2025, како најважен стратешки документ за европеизација, посочува Димитров.
Тој потенцира дека другиот дел од равенката се однесува на Европската Унија и апсорпцискиот капацитет, поради што процесот на европеизација на Западниот Балкан и процесот на внатрешните реформи во Унијата треба да се одвива паралелно.
-Конференцијата за иднината на Европа е демократска вежба за ЕУ да се смени однатре, поради што е потребно да се вклучат што е можно повеќе Европејци, иако мислам дека не би било лесно политички да се преточи оваа голема платформа во конкретни чекори. Регионот треба повеќе да се вклучи во оваа конференција затоа што не станува збор само за ЕУ, туку за Европа – ние дефинитивно сме Европа и ако Европа е сериозна во поглед на европската перспектива што постојано се споменува во толку многу документи почнувајќи од големото ветување во Солун во 2003 година, тогаш нашиот регион дефинитивно треба да биде дел од оваа дебата. Затоа што се приближуваме кон подвижна цел – ЕУ, која и самата се менува, вели вицепремиерот Димитров.
На прашањето за очекувањата од словенечкото претседателство со Советот на ЕУ како дел од триото во однос на продолжување на напорите за спроведување на одлуката за отворање на пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ, процес што е попречен од Бугарија, Димитров истакна дека предлогот на португалското претседателство е добра основа, но потребна е силна политичка волја и лидерство.
-Досега имавме две претседателства по ред што се обидуваа да го решат овој проблем и суштински да му понудат решение на регионот – германското и португалското претседателство. Мислам дека словенечкото претседателство нема да започне од нула бидејќи има добри идеи во форма на португалскиот предлог. Имавме и интензивни билатерални дискусии со Софија за да може да произлезе патоказ како еден елемент од целиот овој пакет. Најновите анкети покажуваат дека прашањето со Бугарија има многу негативно влијание врз ставовите на македонските граѓани – над 40 проценти го гледаат како голем проблем, ќе има антагонизам и мислам дека ова е динамика во која сите губат. Ако има добра волја, ако се препознае дека статус кво состојбата и ќор-сокакот се штетни, со политичка волја и лидерство мислам дека можеме да најдеме европско решение што би било добро за македонско-бугарското пријателство, за да биде добро и за европското ветување за регионот, конечно за Северна Македонија и Албанија, истакнува Димитров.
Сепак, тој посочува дека постојат црвени линии во однос на позицијата за преговарање, кои се на линија и со европските вредности и со принципите на меѓународното право.
-Постои едно „ако“, затоа што ние направивме многу, работевме вредно, навистина не може да преговараме за тоа кои сме и на кој јазик зборуваме. За Македонците во Северна Македонија, ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик, и искрено, ако ова е пречка за започнување пристапни преговори, за мене е во ред да не ги започнеме. Ова ја прави Европската Унија помалку европска – една од основните вредности на ЕУ е културната и јазичната разновидност на континентот. Станува збор за достоинството на нашиот народ, за правото на самоопределување. Проблематизирањето на јазикот дефинитивно не е инвестиција во добрососедски односи, вели Димитров.
Во интервјуто е нагласена и поддршката од САД за започнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, при што Димитров подвлекува дека придвижувањето на процесот на Северна Македонија е прашање од поширок заеднички геополитички интерес.
-Изгледите се големи. Ние го поздравуваме ангажманот на САД во регионот, вклучително и околу ова конкретно прашање за да ни помогнат за европската иднина. Во таквата визија за Европа – цела и слободна, стабилна и просперитетна, мислам дека делиме геополитички интерес. Рационално гледано, и Бугарија е дел од ова. Во нормални околности, нашите соседи би требало да ни бидат најголеми поддржувачи. Ова чувство на заедништво што постепено се шири во регионот, треба да го одржиме и да го надградиме. Договорот од Преспа беше пофален од целиот демократски свет. Од „модел за регионот“, преку „голем европски успех“, па сѐ до „триумф на дипломатијата“. За да имаат смисла, овие големи зборови треба да бидат поддржани со акција, при што ќе бидат исполнети и европските ветувања. Затоа што движењето во овој круг на надеж и разочарување е ризично и не е од помош. Мислам дека сите имаме интерес – ние имаме интерес, регионот, Бугарија, Европа, го имаме овој голем интерес на САД, па или ќе имаме заедничка победа или ќе имаме заеднички пораз. Ајде да видиме што ќе одлучи да направи следната бугарска влада во овој контекст, вели Димитров.