Три години од потпишувањето на Договорот од Преспа на 17 јуни 2018 година, секојдневно доаѓаат придобивките од решавањето на тридеценискиот спор со кој се воспостави стратешко пријателство меѓу Северна Македонија и Грција, се согласија претседателот на Владата Зоран Заев и поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, соопшти владината прес-служба.
Заев денеска го прими Ципрас, претседател на партијата Сириза и актуелен пратеник во грчкиот парламент, а на средбата присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
– Пораките кои глобално се испраќаат од „Преспа форумот за дијалог“ потврдуваат колкаво постигнување е Договорот од Преспа, кој денеска и утре во Охрид и Преспа го уважуваат и почитуваат стотици високи гости од регионот, Европа и светот за да ги афирмираат вредностите што произлегуваат од духот на Договорот, заклучија соговорниците. Суштината што во себе ја носи Договорот од Преспа, споделија Заев и Ципрас, со својата сила и значење ја обврзува ЕУ да ги тргне пречките за евроинтеграцијата на Северна Македонија и Западен Балкан, информира владината прес-служба.
Во соопштението на Владата е наведено дека на средбата меѓу Заев и Ципрас е констатирано дека спроведувањето на одредбите од Договорот оди со добра динамика и дека спогодбата која обезбеди вин-вин решение за двете земји овозможува отворена и постојана комуникација меѓу Скопје и Атина, без разлика кој е на власт во Северна Македонија и во Грција и во интерес на просперитетот и граѓаните на двете земји.