Претседателот на државата Стево Пендаровски искажа скептицизам во однос на шансите Северна Македонија денеска да добие одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.
Пендаровски, кој денеска учествуваше на панел дискусија на тема „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија“, во организација на невладината организација Еуропроспера, говореше за неуспехот на процесот на проширување, за принципот на консензус како причина за блокадите во ЕУ и парализираност во носењето на брзи одлуки.
– Клучниот проблем на ЕУ е носењето на одлуки со консензус. Без измени на тоа, Унијата не може да биде клучен геополитички играч. Тоа доведува и до пораст на евроскептицизмот во регионот на Западен Балкан и во Северна Македонија, но и во самата ЕУ, што е поразително, рече претседателот Пендаровски, соопштија денеска од неговиот кабинет.
Во своето обраќање, шефот на државата се осврна и на односите со соседна Бугарија и блокадата од Софија во контекст на македонските евроинтеграции.
Тој го реафирмира ставот дека ако цената за влез во ЕУ е да се обезличиме, тогаш не ни e потребна ЕУ.
– Јасно е кажано од Софија дека во недостаток на Парламент и во недостаток на политичка влада тие нема да можат да дадат зелено светло. Се што можеше од наша страна да биде понудено како гест на добра волја, а што не излегло од рамките на едно резонско разговарање и преговарање за битни аспекти на билатералата со Софија беше понудено. Се разбира, не можеме да влеземе во идентитетскиот комплекс и ако некој очекува дека по јули или август ќе го направиме тоа, тој се лаже, потенцира претседателот Пендаровски.
Додаде дека останува да очекуваме по конституирањето на новата бугарска Влада да кажат како ќе излеземе од оваа ситуација што самите ја создадоа.
На панел дискусијата претседателот Пендаровски го оцени како одличен португалскиот предлог за надминување на спорот со Бугарија, објаснувајќи дека според него се декларираат позициите на двете страни.
– Во услови кога проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато имаме две опции, да ја донесеме Европа дома и второ, според мене треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008-мата година. Ова не значи откажување од европските интеграции, напротив. Но, ако продолжи спорот со Бугарија, мора да бараме алтернативи, додде претседателот Пендаровски.
Во однос на економскиот развој и просперитет, претседателот Пендаровски посочи дека нашиот регион заостанува во физичката и дигиталната инфраструктура во споредба со земјите од ЕУ. Оттука, неопходна е помош од ЕУ и САД за побрза демократизација.
На панел дискусијата „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија“, претседателот Пендаровски се осврнал и на значењето на Рамковниот договор, за неговата имплементација во државата, како и за значењето и придобивките од нашето членство во НАТО Алијансата.