Палмер: Важно е да се забрза пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ

Важно е да се забрза пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, изјавил заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер, на видео конференција за евроатлантската интеграција на Балканот, во организација на грчката непрофитна организација „Грик Хаус Давос“ (Greek House Davos)

Како што јави денеска Гласот на Америка, Палмер истакнал дека САД целат кон мирен, стабилен и просперитен Западен Балкан во ЕУ и дека САД и ЕУ се партнери во промоција на стабилност и борба против корупцијата во регионот.  

Метју Палмер го истакна значењето од подобрување на односите меѓу Србија и Косово, и забрзување на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, соопшти грчката непрофитна организација, нагласувајќи дека Палмер го истакнал и значењето на Грција како регионален играч, но, и во поширокиот регион на Медитеранот.

На тркалезната маса, покрај други регионални лидери и амбасадори, учествувал и министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ, кој потенцирал дека нема друга иднина за регионот од европската. На тркалезната маса учестввал и косовскиот премиер Албин Курти кој ја пофалил грчката демократија. 

Учесниците разговарале и за потребата од зголемена политичка одговорност по пандемијата, преку заштита на независноста на судските системи и зголемено учество на млади во политиката.