Средба Заев-Пина: Северна Македонија сработи и треба да биде дел од семејството на ЕУ, силна поддршка од Португалија

Силна поддршка од Португалија и од португалското претседателство за европерспективите на Северна Македонија, била изразена на средбата на премиерот Зоран Заев со португалската амбасадорка во земјава Марија Виржиња Пина.
На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, било истакнато дека Португалија, како држава што гради мостови, посебно ги почитува политиките на премиерот Заев и на Владата – на создавање решенија, наместо проблеми.
-Тоа, како што е констатирано, е случај со развојот на добрососедските односи со Грција и Бугарија, но и со сработеното во реформските процеси на домашен план, поради што, Португалија, како земја којашто претседава со Советот на ЕУ, цени дека Република Северна Македонија треба да биде дел од семејството на ЕУ, стои во соопштението.
Заев изразил голема благодарност за вложувањата и за заложбите на Португалија, во рамки на португалското претседателство, за продолжување на процесот на проширување на ЕУ, преку креативните решенија, коишто нашата држава ги цени како добра основа во развивањето на односите со Република Бугарија.
-Покажавме како држава дека сме функционална мултиетничка демократија, што е силно определена кон европските вредности. Ни значи поддршката од земјите членки на ЕУ. Но, нашиот став е дека за сработеното, време е да се оддаде признание преку конкретен исчекор на нашиот евроинтеграциски пат, рече премиерот Заев.
На состанокот е заеднички констатирано дека постојат добри основи за подлабока билатерална соработка помеѓу Северна Македонија и Португалија и за унапредување на односите во економијата, културата, социјалните политики.