„Кајмак“ е насловот на новиот, односно седми игран долгометражен филм во режија на Милчо Манчевски. Станува збор за современа црна комедија или среќна комедија за две семејства кои се пристојни на почетокот, среќни на крајот на филмот. Претставува безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштина.
Според Манчевски овој филм е безобразна комедија која има за цел да создадде измешани или комплексни чувства кај гледачите.
-Ние скоро две години напорно работевме да се напише филмот, да го финансираме, подготвиме и допрва не чека многу работа, да се сними и да се пласира филмот, но тоа е многу слатка и убава работа не затоа што правиме убава уметност, туку затоа што ја имам таа чест и радост да работам со група на луѓе кои се не само талентирани професионалци туку и добри луѓе, мислам дека животот е прекраток да го поминуваш и да работиш со лоши луѓе, изјави Милчо Манчевски.
Додаде дека насловот на филмот сам се наметнал, поради тоа што често ќе се прикажува во филмот, но и поради неговата симболика како нешто најубаво.
Филмот е европска копродукција поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија.
Дански копродуцент е Мета Луис Фолдагер Соренсен, холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор. Додека пак, македонски продуцент на филмот е Банана филм, продуцира Јане Ќортошев.
-Овој филм освен што сметам дека е преубав проект, е проект кој има многу пријатели како дома, така и во цела Европа и сме на одличен пат да направиме прекрасно нешто, заклучи Ќортошев.
Екипата истакна дека е особено горда што во една тешка пандемиска година, токму овој филм добил поддршка и од европскиот фонд „Еуримаж“, што според нив е огромна потврда за вредноста на проектот.
Според финансиската конструкција на филмот, државата учествува со 48 проценти, додека 52 отсто од средствата доаѓаат од странство.
Главни партнери на филмот се „Алкалоид“, НЛБ Банка и Виза и партнерите на филмот Окта, Тиквеш, Витаминка и Лимак.