Зоран Заев се сретна со Бојко Борисов пред почетокот на официјалните средби во Бугарија

 Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и владината делегација предводена од него беа примени од лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов во седиштето на партијата, јави дописникот на МИА од Софија. Приемот од Бојко Борисов беше пренесен директно на неговиот фејсбук-профил.

Заедно со Борисов, во име на ГЕРБ, беа поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева и заменик-претседателот на партијата и поранешен министер за надворешни работи Даниел Митов.

Борисов искоментира пред Заев дека ништо нема да се случи од неговата денешна посета на Бугарија. Лидерот на ГЕРБ го критикуваше бугарскиот претседател Румен Радев и рече дека бугарските власти ќе ги излажат и нема да сторат ништо.

-Ќе имате многу средби денеска. Убеден сум, особено за Радев, дека тие ќе ви кажат оти без Парламент, не може да се работи. Ништо нема да излезе од вашата денешна средба, рече Борисов.

Според него, сегашната привремена Влада на Бугарија ги има сите права и може да преговара со Северна Македонија и рече оти ако сакаат можат да преговараат за нов договор ако не им се допаѓа оној потпишан во 2017 година.

Борисов му ја повтори позицијата на Заев дека младите од двете земји ќе се замразат доколку не се постигне договор.Тој предвидува дека можеби нема да бидат потребни инфраструктурни проекти затоа што никој нема да може да се движи низ нив.

Заев се заблагодари за посветеноста на тогашната Влада на Борисов за време на претседателството со ЕУ и средбата во 2018 година и истакна дека во Софија е постигнат компромис со тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас.