Пробиштип нема да ја зголеми цената на водата за пиење

Општина Пробиштип нема да ја зголеми цената на водата за пиење и покрај тоа што Регулаторната комисија им налага да ја зголемат цената за 3,5 денари за потрошен кубик вода од страна на домаќинствата, објави градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов.

– Ова е прашање што ги засега граѓаните на Општина Пробиштип. Од страна на Регулаторната комисија имаме обврска да се покачи, односно, нивна цел е да после неколку години се израмни цената на водата за пиење во однос на правните лица и домаќинствата. Општина Пробиштип по методологијата и анализите направени треба да се покачи водата за 3,5 денари по кубик. Меѓутоа, отворено ќе кажам пред вас новинарите и граѓаните дека, таквата одлука, како градоначалник нема да ја прифатам. Тоа значи дека Општина Пробиштип нема да ја покачува цената на водата, вели Анастасов.

Тој забележа дека во насока на оваа одлука се и плановите комуналното претпријатие на Пробиштип да работи рентабилно, односно да штеди.

– Нивна обврска е да достават до Советот на Општина Пробиштип за покачување на цената на водата. Меѓутоа се разгледуваше во делот не толку на инвестициите, туку во делот на заштедата на работењето на комуналното претпријатие и сметаме дека со постојната цена на водата јавното комунално претпријатие нема да има пречки во своето работење, вели Анастасов.

Директорот на комуналното претпријатие во Пробиштип, Ненад Павичевиќ вели дека заштетите ќе ги прават во делот на горивото, побрзо санирање на дефектите и поголема заштеда на водата низ водоводниот систе. Во Пробиштип цената на водата за домаќинставта е 29.50 денари за м/3 , во Злетово граѓаните плаќаат 26 денари за м/3, а правните лица плаќаат 47 денари за м/3 потрошена вода.