Одбележан Денот на воздухопловниот ВИНГ

Со прелет на воздухопловните Ф-16 на грчкото воено воздухопловство во рамки на НАТО мисијата Air Policing на воздушниот простор на Република Северна Македонија како членка на НАТО денеска во касарната „Страшо Пинџур“ се одбележа Денот на воздухопловниот ВИНГ.

На настанот се обрати командантот на воздухопловниот ВИНГ, полковник Стојко Пејовски кој кажа дека пред точно 29 години во 1992 година, припадниците на сега воздухопловниот ВИНГ, за првпат се вивнаа во височините на воздушниот простор

-Почетоците на воздухопловството беа проследени со низа предизвици, со скромни средства во почетокот, се надоградувавме со години и години се до ниво на респектабилна инфраструктура и  воздухопловие. Оспособивме стручен персонал кој учествуваше во голем број на воздухопловни операции и вежбовни активности како кај нас така и во странство, рече полковник Пејовски.

Особено важно, како што нагласи, е дека од почетокот на оваа година во составот на воздухопловниот ВИНГ е и сквадронот за обука и тренинг наменет за обука на нови пилоти кои понатаму ќе бидат дел од нашиот ВИНГ, а воедно истиот е деклариран во НАТО – Flight Training Europe иницијативата за обука на пилоти за потребите на земјите членки на НАТО сојузот.

-Во процес сме на постапки за аквизиција за набавка на повеќенаменски воздухоплови, односно повеќенаменски хеликоптери со кои планираме да ја извршиме замената на постоечката платформа со кои ќе ја подобриме ефективноста, флексибилноста, мобилноста на воздушните капацитети,  информира Пејовски.

Командантот на командата за операции бригаден генерал Бесник Емини истакна дека согласно мисијата и задачите, одбраната на воздухопловниот простор на Република Северна Македонија е од витално значење.

– Како најголема и ваша претпоставена команда и во иднина ќе се залагаме за модернизација на воздухопловите и опремата за противвоздушна одбрана со која располага единицата, за што поуспешно чување на воздушниот простор. Единицата и сите нејзини припадници се оспособени и обучени за извршување на суштинските задачи кои произлегуваат од мисијата како што се набљудување на воздушниот простор, противвоздушната одбрана, елементи на борбениот распоред на единиците и позначајните објекти на територијата на РСМ и обезбедување на воздушната поддршка и транспорт на припадниците на Армијата, како и учество во операции за поддршка на мирот, надвор од државата, нагласи Емини.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во изјава за медиумите нагласи дека нивните планови се да го обноват целосно воздухопловниот дел во поглед на опрема којашто ќе биде воздухопловна или хеликоптери од западно производство. Во тој дел, информира, плановите се првите исплати да започнат во 2024 и 2025 година што, како што рече, значи дека следните три години ќе работат на аквизицијата, но до тој момент можат да ги користат постоечките хеликоптери.

– Тоа е според долгорочниот план за развој на одбранбени способности што беше потврден од Собранието, тоа е аквизиција која започнува со исплати во 2024/2025 година, што значи за неколку години потоа ќе стигнат првите хеликоптери. И ние сме нестрпливи, но ова се големи ресурси, практично најголемата сума од сите проекти за аквизиција во следните девет години отпаѓа на хеликоптерите, бидејќи се работи за скапа опрема, но целта ќе ни биде да купиме нешто на што ќе можеме долги години понатаму да се потпреме, рече Шекеринска.

Посочи дека овие денови, десет НАТО партнери меѓу кои и ние, потпишале договор за формирање на мрежа на Центри за обука на пилоти.

-Првпат нашиот Центар за обука на пилоти што сега е веќе дел од воздухопловниот ВИНГ, ќе биде дел од оваа мрежа на НАТО обука на пилоти, со што ќе можеме да се потпреме на ресурси во другите земји сојузнички, но и нивни кандидати пилоти ќе можат да добиваат дел од обуката тука, информира Шекеринска.