Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Србија, Невена Јовановиќ

Република Србија ја поддржува пријателска Северна Македонија и во нејзините европски аспирации имајќи го предвид фактот дека на целиот наш регион местото му е во Европската Унија, како простор на кој географски, историски и културно му припаѓаме, се наведува во акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Србија во земјава, Невена Јовановиќ, кои денеска ги прими претседателот Стево Пендаровски.

Како што информираат од Кабинетот на претседателот, на церемонијата на предавање на акредитивни писма, Пендаровски истакна дека во иднина очекува двете пријателски држави да ги искористат сите потенцијали и приоритет да стават на соработката на конкретни билатерални и регионални проекти, во економијата и трговската размена, инвестициите, инфраструктурното, енергетското поврзување, како и во сите други области од заемен интерес меѓу кои, секако, како што велат, би ги издвоил културата и образованието, прашањата од значење за одржливиот развој на регионот како интерконективноста, мобилноста и адресирање на горливите прашања на младите.

Оценувајќи дека продолжувањето на редовниот политички дијалог и меѓусебните консултации се целосно во функција на надградба и на продлабочување на добрососедските односи, претседателот Пендаровски го истакнал и почитувањето и унапредувањето на третманот и статусот на македонската заедница во Република Србија и на српската заедница во Северна Македонија.

– Тие се мост на поврзување меѓу нашите две земји. Ја давам мојата целосна поддршка за отворање на културните центри во Белград и во Скопје и се надевам дека владите на двете држави ќе го реализираат овој проект во текот на оваа година, заклучи Пендаровски.

Во соопштението се дополнува дека амбасадорката Јовановиќ, истакнувајќи оти односите меѓу двете земји одат во нагорна линија и придонесуваат за стабилност на целиот регион, истакна дека Србија посветува големо внимание на односите со Северна Македонија, како еден од најблиските соседи и е длабоко заинтересирана за нивно натамошно унапредување во сите области.

– Република Србија ја поддржува пријателска Северна Македонија и во нејзините европски аспирации имајќи го предвид фактот дека на целиот наш регион местото му е во Европската Унија, како простор на кој географски, историски и културно му припаѓаме, истакна амбасадорката Јовановиќ.

Претседателот Пендаровски на новоименуваната амбасадорка на Србија во земјава, Невена Јовановиќ ѝ посака успех во вршењето на одговорната дипломатска функција.