Во очекување ЕУ да го исполни ветувањето за старт на преговорите, напорите за решение во рамки на португалскиот предлог

ЕУ мора да го исполни ветувањето за старт на преговорите со Скопје и Тирана, смета шефот на германската дипломатија Хајко Мас, според кого, добро е што португалското претседателство со ЕУ ја држи оваа тема високо на агендата на Унијата.

Во меѓувреме, дома опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе на протести со барање за увид во преговорите со Бугарија, иако премиерот Зоран Заев, повторно посочи дека напорите за решение се во рамки на португалскиот предлог, што пак е доставен и до опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

Премиерот Зоран Заев, вчера потенцираше дека предлогот на Португалија, која е актуелен претседавач со ЕУ, за надминување на разликите со Софија е доставен до нас, до бугарската страна, како и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Мицкоски апсолутно знае дека предлогот е одличен и е појдовна основа за постигање на решението. И сега да продуцирате вака протести… е порака која што никако не можам да ја разберам, додаде Заев.

Тој појасни, дека со Бугарија се разговара на секторско ниво, за изградба на железниците, патиштата, Коридорот 8 и соработката меѓу министерствата и агенциите.

– Тоа е патоказот за кој се разговара. Сето друго се разговара под раководство на португалското претседателство. Фокусот е реално таму заради тоа што Европа е исправена пред можноста да носи одлука на 22 јуни, рече Заев.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, вчера на онлајн средба со неговите колеги од земјите од Западниот Балкан, порача дека ЕУ мора да го исполни даденото ветување за старт на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и се заложи за придвижување на процесот на проширување.

– Иднината на сите шест држави од Западниот Балкан е во ЕУ. Германија е целосно посветена на оваа цел. Ако испорачате вие, ние исто така испорачуваме. Тоа мора и во иднина да биде нашиот пристап кон проширувањето на Европската Унија, рече Мас.

Мас порача и дека за билатералните спорови не треба да има место на агендата на ЕУ.

– Сите знаеме дека внатрешната политика може да го ограничи опсегот на надворешната политика. И разбираме дека прашањата од историјата и идентитетот се деликатни. Но, ваквите билатерални прашања не треба да го попречуваат целиот процес на пристапување, рече Мас.

На состанокот со Мас, присуствуваше и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој порача дека вклучувањето на земјите од Западен Балкан во активен пристапен процес ќе поттикне создавање нови вредности.

– Поминавме долг пат и заедно постигнавме значителни резултати во областите на меѓусебна соработка – да бидеме економски, политички, безбедносно и социјално поврзани. Агендата за поврзаност, што беше во сржта на процесот, еволуираше во меѓусебната поврзаност во многу поширока смисла, надвор од инфраструктурната. Вклучувањето на земјите од Западен Балкан во активен и динамичен пристапен процес целосно ќе ги ангажира општествата во создавање на нови вредности, напредок и позитивна конкуренција, истакна Османи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе на, како што велат, предупредувачки протести во Скопје и неколку други градови во земјата, со барање документот за којшто преговараат премиерот Зоран Заев и специјалниот претставник Владо Бучковски со техничата Влада во Бугарија да биде ставен на увид на јавноста.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, претходно највувајќи ги протестите, истакна дека од високи дипломатски извори, од Брисел, но и од официјална Софија дознале дека барањата коишто се составен дел од Декларацијата усвоена во бугарскиот Парламент практично ќе бидат дел од преговарачката рамка со Европската Унија и од тој момент билатералниот проблем којшто ние го имаме со официјална Софија, ќе бидат проблем којшто ќе го имаме ние со ЕУ.