Премиерите на Бугарија и Албанија разговараа за билатералните односи и актуелните прашања од европската агенда на Албанија и патот на Албанија кон ЕУ, како и можностите за понатамошна соработка од заеднички интерес во голем број сектори како што се економијата, земјоделството, рударството, енергијата и високата технологија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, односите меѓу Бугарија и Албанија се развиваат на добар начин, смета бугарскиот премиер Стефан Јанев.
– Немаме отворени прашања, изјави премиерот на Бугарија Стефан Јанев на прес-конференцијата по средбата со албанскиот премиер Еди Рама.
Според Јанев, билатералните прашања не треба да се решаваат на меѓународно ниво.
– Рамковниот став за Република Северна Македонија е оној што Софија го брани. Проблемите со Македонија може да се решат само на билатерална основа без мешање, изјави бугарскиот премиер Стефан Јанев.
Според албанскиот премиер соработката меѓу Албанија и Бугарија, нема никакви проблеми.
– Ние ќе ги почитуваме сите пријателски земји, Бугарија и Република Северна Македонија треба да ги решат проблемите. Другите не можат да го заменат она што двете земји треба да го направат. Бугарија како членка на ЕУ е зрела и има сè и се сеќава кога беше во поинаква позиција, изјави албанскиот премиерот Еди Рама во Софија.
Рама, посочи дека Албанија не зазема страна во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија.
– Се надеваме и ги поддржуваме двете земји – Република Северна Македонија и Бугарија да разговараат и да го решат меѓусебниот проблем. Се разбира, ЕУ прави големи напори, но тоа зависи од Бугарите и Македонците. Не можам да заземам страна, за да не се усложнат уште повеќе работи, изјави Рама.