Фајнанс тинк: Негативната стапка на БДП е последица на третиот бран од пандемијата

Институтот за економски истражувања Фајнанс тинк  во најновиот макроекономски извештај оценува дека негативната стапка на БДП во првиот квартал од годинава е последица од третиот бран на пандемијата кој беше проследен со рестриктивни мерки.

–  Во првиот квартал од 2021, БДП се намали за -1,9 проценти на годишна основа како резултат на третиот бран од пандемијата со Ковид-19, кој наметна продолжување на карантините дома и кај главните трговски партнери. Во вакви околности, исцрпувањето на ефектите од две клучни владини мерки – субвенција за задржување на работните места „14.500 МКД по работник“ и еднократната парична помош за ранлиците групи граѓани – ја задржа приватната потрошувачка нешто над нивото од К1-2020 (раст од 0,4 проценти). Додека, јавната потрошувачка ја започна консолидацијата по големата експанзија во претходните три квартали (во К1-2020 намалување од 2,2 проценти), се наведува во извештајот.

Инвестициите, како што се посочува, забележале остар пад од 16,6 проценти што било рефлекција на воздржаноста од преземање на позначајни потфати, но надворешната трговија покажала знаци на подобрување, односно раст на извозот од 8,6 проценти и на увозот од два процента.

На производната страна, најголем дел од дејностите се на исто или блиску до нивото од првиот квартал од 2020 година, освен преработувачката индустрија која бележи пад од 6,2 проценти.

Невработеноста бележи благо намалување на 16 проценти, а вработеноста благо зголемување од 46,8 на 47,1 процент што според „Finance Think“ упатува на стабилизирање на пазарот на труд.

– Нема понатамошна пасивизација на активното население која беше интензивна во вториот и третиот квартал од 2020, но нема ниту позначајни знаци на реактивирање, оценува „Finance Think“.

Во дејностите транспорт, хотелиерство и услуги со храна и други дејности изгубени се околу 9.500 работни места што , според „Finance Think“, се должи на третиот бран од пандемијата и рестриктивните мерки.

Во извештајот се оценува дека неизвесноста во економијата спласнува во вториот квартал од годинава со почетокот на процесот на масовна имунизација и постепеното намалување на рестриктивните мерки.

Од Фајнанс тинк наведуваат дека ако економските текови се нормализираат до разумен степен до почетокот на есента, проекцијата за растот на БДП би била 4,1 процент.