Балканска недела на бизнисот: Економската ситуација во ЕУ и Германија како партнер на Балканот

Согледување на економската ситуација во ЕУ со посебен осврт на Германија како партнер на Балканот е целта на Балканската недела на бизнисот, во организација на Институтот за бизнис и менаџмент Хајделберг во Скопје, во коорганизација на Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ), која почна денеска, а ќе трае до 11 јуни.

На првиот ден од Балканската недела на бизнисот, свое излагање имаа и вицепремиерот на економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и гувернерката на Народна банка на Република Северна Македонија Анита Ангеловска Бежоска и други.

Говорниците ја истакнаа важноста на интегрирање на Западен Балкан во НАТО и ЕУ, партнерството и развојот на целиот Балкан, заедно со европските земји, особено поддршката на Германија како стратешки партнер на регионот.

Евроатланското интегрирање на балканските земји ќе го направи Балканот стабилен и ќе оневозможи други големи сили да завладеат со регионот, беше една од поентите на дебатата. Тие се осврнаа и на пандемијата со Ковид-19, односно штетата по економијата и како да се надмине кризата.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи истакна дека целта на Владата е економијата, која беше погодена од пандемијата, во втората половина на 2021 година да се врати на нивото од 2019 година.

Инаку, Хајделберг Институтот е единствената акредитирана високообразовна германска установа на Балканот која го пренесува германското знаење и искуство со своја експертиза на стручњаци во своите полиња на работа.