Министерството за одбрана апсолутен лидер во транспарентноста

Министерството за одбрана втора година по ред е рангирано на прво место според Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации, пред сите државни и локални институции, а прв пат со освоени максимални 100 проценти.

– Тоа е напредок за цели 40 позиции во споредба со 2017 година и резултат подобрен за високи 53 проценти, стои во денешното соопштение од МО.

Во анализата на Центарот за граѓански комуникации, се посочува во соопштението, е подвлечено дека Министерството за одбрана е прво министерство кое ги освои максималните 100 проценти во активна транспарентност од почетокот на рангирањето во 2016 година.

Активна транспарентност подразбира објавување на информации за работењето на институциите на иницијатива на самите институции, без тоа некој да го побара од нив, а освоениот максимален резултат од 100 проценти значи дека Министерството за одбрана ги објавило сите информации за своето работење и е максимално отворено кон јавноста.

– Од самиот почеток на стапувањето на министерката Радмила Шекеринска на челната позиција во министерството, определбата беше институцијата да се отвори кон јавноста и да се постигне највисоко ниво на активна транспарентност, што е најдобра превенција и најдобар начин за исклучување на најмала можност за корупција во институцијата, како и силна манифестација на посветеноста на јавниот интерес, стои во соопштението од МО.

На веб страницата на Министерството за одбрана, се наведува, може да се видат сите документи за работата на министерството кои се од јавен интерес, меѓу кои јавните набавки, буџетот, стратегиските документи, платите на функционерите и раководството на институцијата и сите информации од јавен карактер, обединети на посебната подстраница на веб-страната под наслов „Јавноста има право да знае“.

Постигнатиот резултат – првото место според Индексот на активна транспарентност со максимални 100 проценти, велат од МО, е нов поставен стандард за институцијата.