Почитувани,
Во врска со палењето на Грчкото и Албанското знаме на вчерашниот протестен марш под мотото „За одбрана на името и Државата и идентитетот на нацијата“, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:
Македонската Алијанса најостро го осудува вандалскиот чин на палењето на Грчкото и Албанското знаме. Така не се брани Татковината, ниту нашата вековна историска светост Македонското име и идентитет. Ниту еден Македонец не смее да се однесува како припадниците на „Златна зора“. Ние сме цивилизиран и мирољубив народ кој достоинствено го брани универзалното демократско право на самоопределување.
Веруваме дека патриотска должност на организаторите на вчерашниот протест јавно да се оградат од палењето на Грчкото и Албанското знаме. Сметаме дека овој изолиран инцидент беше нечија смислена провокација да остави дамка на масовниот протест на Македонците кои и покрај лошото време, како искрени патриоти излегоа на улиците на Главниот град за да покажат дека нашиот народ никогаш нема да дозволи велепредавство. Нашите браќа и сестри Македонци не заслужуваат да бидат злоупотребени за нечии мрачни агенди.
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски