Пендаровски: Вежбата „Одлучен удар 21“ значајна за зајакнување на трансатлантското партнерство

Како држава ќе продолжиме со инвестирањето и развојот на полигонот Криволак кој повеќе не е само наш воен капацитет, туку и капацитет на целата Алијанс, истакна претседателот Стево Пендаровски денеска на армискиот полигон Криволак, на Денот на високи гости на воената вежба „Одлучен удар 21“.

Во изминатите две недели имавте одлична можност да ја проверите интероперабилноста со неколку НАТО држави. Неспорно е дека покажавте капацитет и способност и за планирање и организирање на големи вежби заедно со другите сојузнички армии, рече претседателот Пендаровски честитајќи им на сите учесници во големата воена вежба.

Тој додаде дека освен што е потврда во воена смисла на капацитетите за спроведување на интегрирани операции, оваа вежба е многу значајна за зајакнување на трансатлатнското партнерство и преку тоа за безбедноста на Европа и на Западниот Балкан.  

-Со заедничкото планирање и реализација на една ваква вежба Северна Македонија и САД го афирмираат стратешкото партнерство кое долги години опстојува меѓу нас, освен тоа постои уште една многу важна регионална димензија, рече Пендаровски. 

Во „Одлучен удар 21“  освен припадници на Армијата на САД, учествуваат и претставници на армиите на Бугарија и Грција со што, како што нагласи, „го зајакнуваме билатералното партнерство и со овие наши два соседа и во исто време ја интензивираме регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста”. 

 -Се разбира стара докажана вистина е дека колку и да сме задоволни со една успешно завршена мисија,  не смееме да помислиме дека сме ја завршиле работата. Неопходно е да продолжиме и ќе продолжиме со реформи и инвестирање во одбраната, модернизирање и опремување на Армијата, но и со учество сега како полноправна членка во структурите и мисиите предводени од НАТО, преку вложување во регионалниот мир и глобалната стабилност, истовремено вложуваме во нашата сопствена безбедност, а тоа се највисоките национални и државни интереси за кои сме положиле заклетва дека ќе ги штитиме, рече Пендаровски.

На вежбата „Одлучен удар 21“ на  полигонот Криволак беа презентирани офанзивни операции и активности на пешадиските и специјалните единици од армиите на Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија, со поддршка од хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ и воздухоплови Ф16 од вооружените сили на Грција.