Четири милиони евра од Европската банка за обнова и развој ќе бидат достапни на малите и средни препријатија за инвестиции во конкурентност преку Охридска банка.
Како што информираат од ЕБОР, малите и средните претпријатија ќе можат да добијат техничка помош, вклучувајќи и советодавна поддршка преку ЕБОР . По успешно завршување на инвестицијата, ќе се стекнат со право на повратен грант од 15 отсто од вкупната сума на кредитот, обезбеден од Европска Унија.
Кредитот е дел од Програмата за поддршка на конкурентноста на малите и средните пријатијата на Западен Балкан, преку која ЕБОР обезбедува кредитирање, а Европската Унија која обезбедува техничка помош и грант. Целта е да им се помогне на малите и средните претпријатија во модернизација на активностите и да се искористат можностите за зголемување на трговијата со Западен Балкан и поширокиот европски пазар.
-Ги поддржуваме малите и средните претпријатија во Северна Македонија, а со потпишувањето на новата кредитна линија со Охридска банка го подобруваме пристапот до добро структуирано финансирање и советодавни услуги кои ќе им помогнат да напредуваат. Заедно со ЕУ, преку нашата успешна Програма за поддршка на конкурентноста на МСП, поддржавме над 120 МСП со комбинирано финансирање во износ од над 30 милиони евра и се надеваме дека уште голем број МСП ќе имаат корист од оваа поддршка, изјави Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија.
Според евроамбасадорот Дејвид Гир пристапот до финансии е основа за идниот раст и развој на малите и средни претпријатија (МСП) во Северна Македонија. -Ова е дел од нашата поддршка во постојаните напори за промовирање на бизнис климата за МСП, како и натамошно стимулирање на условите за креирањето на работни места и економско опоравување, изјави Гир.
Нина Недановска, претседател на менџерскиот борд на Охридска банка АД Скопје истакна дека со ова кредитирање продолжува поддршката на малите и средните претпријатија и им нудат пристап до финансирање и можност за инвестирање во модернизација, прогрес и развој, особено, како што вели, во овие времиња на предизвици.
-Комбинацијата на кредити и грантови финансирани од ЕУ, се докажа како силна алатка за охрабрување на МСП да бидат поконкурентни како на локалните, така и на странските пазари, истовремено правејќи позитивен импакт на домашната економија. Се надеваме дека нашето континуирано партнерство со ЕБОР ќе ни помогне да креираме поуспешни локални бизниси и ќе го поттикне претприемачкиот потенцијал, изјави Недановска.
ЕБОР досега во Северна Македонија има инвестирано над 2,14 милијарди евра во преку 145 проекти во земјата. Банката се фокусира на проширување на локалниот приватен сектор, промовирање на регионалната и меѓународната интеграција и одржливо користење на ресурсите во земјата.